„Limbo Lighting“: Вукашин Делиќ и Марко Пауновиќ во петок во „Буква“

Во кафе-книжарницата „Буква“ во петок (14 јули) од 21 часот ќе се случи концерт на музичкиот проект „Limbo Lighting“ на Вукашин Делиќ и Марко Пауновиќ.

Истражувајќи го музичкиот потенцијал на меланхоличните пејзажи и користејќи ја екстензивната манипулација на четириканалните магнетофонски ленти, на ревербализираните и лупувани аудио фрагменти, Марко Пауновиќ во својата работа става акцент на самата беспредметна (дроун) атмосферичност или на чистата звучна содржина на вокалното (пред сè, хорско) изведување.

„Пресудно влијание на овој автор имале авангардните и неоавангардните движења од дваесеттиот век, а посебно ‘индивидуалните митологии’, па тој во композициите често ги оживува тонските архиви. Композицијата Disappearing настана во периодот 2015-2022 година. Својот конечен облик го доби во Електронското студио на Радио Београд (Synthi 100) и претставува посвета кон концептуалниот уметник Бас Јан Адер и кон неговото последно дело ‘Во потрага по чудесното’“, стои во најавата.

Вукашин ја третира гитарата и како инструмент и како приемник на сигнали од разни уреди, како хармониски и перкусивен инструмент. Со искуство во импровизациите, како и преку свирење во разни групи (Dol, Belgrade Noise, Halftones), тој ги спојува овие навидум различни светови во еден нов, звучно богат и непредвидлив свет на мелодии и ритами кои го исполнуваат просторот и го водат слушателот на фантастично патување.

„Под името WoO објавил голем број албуми за различни етикети (rx:tx, A. Star, Phantom Channel), како и за сопствената DIY етикета Herbarium Records. Настапувал на фестивали низ ЕУ како што се Todays Art, Unsound, Fano Free Folk, Elevate, Norberg, Dni Muzyki Nowej, Sonica и др., како и во САД и Мексико. Во 2020 г. го објави албумот U zavisnosti od dana. Во последно време Вукашин ја истражува хаотичната природа на машините, каде звуците на еруптивните синтисајзери, еволуирачките ритами и радио фреквенциите се преплетуваат во звучен колаж на луциден сон, каде бучавата и тишината играат еднаква улога во непрестајно променливите импровизирани композиции“, се вели во најавата.

Настанот е во соработка со Јован Ламбевски и е дел од Креативниот викенд за музика.