Прв роденден на „Поетска епизода“ со поетско читање „Ново читачко лето“

Во кафе-книжарницата „Буква“ во сабота (17 јуни) со почеток во 21 часот ќе се одржи новото издание на „Поетска епизода“. Оваа епизода е прв роденден на настанот, а ќе биде одбележана со поетско читање на поезија од поети кои оваа година издадоа нови стихозбирки или, пак, нивни збирки добија македонски преводи.

Во оваа епизода ќе учествуваат тројца интернационални гости: Ернесто Ередеро дел Кампо од Шпанија, Марио де Роза од Италија и Надија Реброња од Србија, како и четворица домашни поети и поетеси: Александра Спасеска, Павлина Атанасова, Јосип Коцев и Перица Сарџоски.

Настанот ќе биде модериран од младите поети Андреј Медиќ Лазаревски и Марија Велинова, а по читањето Ајнур Касо ќе пушта своја селекција од музика.

„Поетска епизода“ како концепт започна пред точно една година како проект на младите поети Андреј Медиќ Лазаревски и Ивана Јовановска, а во организација на неформалната младинска организација за култура „Култура Бета“. Идејата на овој настан е да ја промовира и афирмира македонска поезија и да даде глас на новите и млади поети и поетеси.

„Бидејќи македонската поетска сцена во последно време се зголемува, а просторот за изразување не е доволен, решивме да направиме простор – простор за новите гласови, за новите поети, простор за промоција на новите поетски дела, простор за храбро истапување и пуштање на својата поезија во етерот“, истакнуваат организаторите.

Во оваа година се случија 5 поетски читања, низ „Поетска епизода“ поминаа 40-тина поети, како настан „Поетска епизода“ беше дел од 50. роденден на МКЦ и со сигурност станува едно од позначајните поетски настани во Скопје.

Оваа епизода, како и претходната, е направена со поддршка на Europe House.