Лидија Димковска номинирана за наградата „Европски поет на слободата“

Наградата „Европски поет на слободата“ ќе биде доделена во март 2016 година во рамките на истоимениот меѓународен книжевен фестивал на кој ќе учествува и македонската писателка Лидија Димковска. Таа со својата поетска збирка „пХ неутрална за животот и смртта“ во конкуренија со уште шестмина номинирани поети ќе се бори за полската награда за поезија што ја доделуваат градот Гдањск и Градскиот институт за култура од Полска.

 

Наградата што важи за една од најпрестижните во Полска се доделува биенално и во 2016 година ќе биде доделена по четврти пат. Досега наградата ја добиле Уладзимир Арлоу од Беларусија, Дурс Грунбејн од Германија и Дорта Јагиќ од Хрватска.

Номинацијата се состои во интегрален препев на поетската книга на полски што во 2015 годиина ќе ја објави Институтот за урбана култура и издаваштво Слово/Слика на територијата, а жирито од сите седум поетски збирки ќе ја избере најдобрата што ќе ја добие наградата.

Заедно со поетите се номинирани и нивните препејувачи на полски јазик меѓу кои и Данута Ќирлиќ Страшинска која го препејува поетското творештво на Димковска на полски, а го преведе и нејзиниот роман „Скриена камера“.

За 2016 година жирито e составено од репрезентативните полски автори и критичари Криштоф Чижевски, Олга Токарчук, Павел Хуеле, Андреј Јагодински, Збигњев Миколејко, Криштоф Помиан и Станислав Росиек.

Покрај Димковска, номинирани се и авторите Јахја Хасан (Данска), Даниел Јонас (Португлија), Сергеј Стратановски (Русија), Ана Бландијана (Романија), Анико Полгар (Унгарија) и Вани Бјанкони (Швајцарија).