„Лице в лице“ со црвен картон за врсничкото насилство

„Препознај, реагирај! Црвен картон за булингот!“, гласи слоганот на 31, издание на уличното списание „Лице в лице“, посветено на врсничкото насилство.

Во соработка со Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“ и Иницијативата против булинг на група родители, утревечер на плоштад „Македонија“, со почеток во 20 часот ќе го промовираат списанието.

Бендот „Љубојна“, поп-пејачката Кристина Арнаудова и водителската четворка од Утринска на Телма: Цеце, Марко, Елена и Гоце, ќе бидат промотири на новиот број на списанието.

Тие ќе им дадат поддршка на продавачите на „Лице в лице“ и заедно со нив ќе поделат и црвени картони, кои симболично треба да ја означат битката која треба да ја водиме против овој комплексен проблем, како и да укажат на нашата подготвеност да размислуваме и делуваме потрезвено кога се во прашање младите.

„Одлуката за да се стави оваа тема во фокус, доаѓа оттаму што ваквата форма на непосакувано и агресивно однесување, која е најприсутна во училиштата, и не само таму, зема голем замав, алармирајќи дека може да има далекусежни последици врз психолошкото здравје на младите. Вредностите кои треба да се развиваат кај младите се емпатијата, сочувството, солидарноста, алтруизмот, и затоа нашиот придонес ќе биде ставање светло на овој општествен проблем, кој, заради својата природа, не секогаш лесно се детектира и препознава“, велат од „Лице в лице“.

Оваа активност е дел од Неделата на граѓански организации, поддржана од Проектот на УСАИД за граѓанско учество – серија од настани кои ја промовираат работата на граѓанските организации пред пошироката јавност, организирани во периодот од 19 до 23 јуни, 2018 година, низ Република Македонија.

„Лице в лице“ е социјално претпријатие за работната интеграција кое овозможува ресоцијализација на ранливите групи преку социјален контакт, почитување правила и стекнување навика за структуриран животен стил што им овозможува на ранливите лица подготовка за отворениот пазар на труд. Своите продавачи ги регрутира преку соработка со здруженија на граѓани чии корисници припаѓаат на различни маргинализирани групи.

Продавачи на списанието се маргинализирани лица – младинци  од улица над 16 годишна возраст, бездомници, лица со посебни потреби, приматели на социјална помош, поранешни корисници на дрога и алкохол, поранешни затвореници. Од секој продаден примерок (кој чини 100 денари), продавачите на списанието задржуваат 50 отсто од износот, а со останатата половина се гради систем за нивна поддршка и се печати  нов број на списанието.