ЛГБТ-програмата на „Синедејс“ е откажана – проекција на филмовите откако ќе заврши фестивалот

ЛГБТ програмата на Фестивалот на европски филм „Синедејс“ требаше да стартува утре (12 ноември) во Џебното кино во МКЦ, но организаторот денеска информира дека таа се откажува поради технички причини. Програмата ќе биде дополнително реализирана по завршувањето на фестивалот во соработка со Амбасадата на Шведска.

„За сите нови информации во однос на термините за емитување на ЛГБТ програмата ќе ве известиме дополнително. Се извинуваме поради промената во програмата и се надеваме дека ќе имате разбирање“, соопштија организаторите на „Синедејс“.

Во ЛГБТ-селекцијата беа планирани „Да се стане Ана-Кристина“ на шведската режисерка Хелена Исаксон Баек, потоа „Само обичен човек“ на Малин Бјоркман-Видел, „Никогаш не бриши солзи без ракавици“ од Симон Кајсер и „Со секое срцебиење“ на Александра-Тересе Кеининг.

Во однос на останатата програма, вториот ден од „Синедејс“ денес продолжува со проекциите на филмовите „Непозната девојка“, „Сиера Невада“, „Јас Даниел Блејк“ во киното „Милениум“, „Чисти раце“, „Жалејка“ и „Влажност“ во киното „Фросина“, додека во Џебното кино МКЦ на репертоарот е „Странецот“.

Во Скопје денеска доаѓа и романскиот режисер Кристи Пују да го претстави својот последен филм „Сиера Невада“ кој е копродукција меѓу Романија, Франција, БиХ, Хрватска и Македонија. Филмот е инаку и романски кандидат за наградата „Оскар“.

Во сабота во Скопје доаѓа и словенечкиот режисер Дамијан Козоле за промоција на неговиот филм „Ноќен живот“ кој исто така е и македонска копродукција, а во филмот меѓу другите игра и нашиот Петар Арсовски.

Викендов меѓу останатото ќе може да се погледнат и најновите филмови на Џим Џармуш – „Петерсон“ и на Вим Вендерс – „Убавите денови во Аранхуез“, како и филмот „Матура“ за кој романскиот режисер Кристијан Мунџиу годинава во Кан ја доби наградата за најдобра режија.

На програмата се и повеќе филмови од официјалната селекција, СинеБалкан, музички докуметарци, ревијата филмови на Орсон Велс и детски филмови, а секоја вечер во МКЦ има и музички перформанси.

Вечерва (11.11.16) специјален аудио – визуелен перформанс „Cineskapes”, во сабота (12.11.16) Ентони Ротер, легенда на светската електронска сцена, а во недела (13.11.16) Давид Ангеловски Пиколомини, човекот кој стои зад прекрасни изданија на македонската современа музичка сцена.