„Кризата игра“ – изложба на Игор Станоески во понеделник во МКЦ

Во понеделник (22 јануари) во 20 часот во Галеријата на Младинскиот културен центар (МКЦ) ќе се отвори изложбата „Кризата игра” на Игор Станоески.

Изложбата, како што пишува во најавата, претставува внатрешно патување низ дефектите на сегашноста.

„Кризата како персонификација на механиката на хаосот, наспроти хармонична светлина. Струја за програмирање на колективот и истовремено алатка за кршење на индувидуализмот. Патот низ кризата е синтетизирано трансформиран во игра за оние кои успеваат да ја преживеат“, велат организаторите.

Игор Станоески („ИГИ МАН“) е мултимедијален автор, музичар, композитор-аранжер, текстописец, академски скулптор и продуцент. Завршил средно училиште за применета уметност отсек применето вајарство Лазар Личеноски – Скопје во 2004, дипломира на Факултетот за Ликовни Уметности – Скопје, на отсекот вајарство во класата на Жарко Башески во 2013 година.

По дипломирањето работел паралелно на уметнички истражувања во насока на спојување на класичните медиуми во мултимедијална целина која опфаќа звук (музика), форма (скулптура), цртеж и боја. Досега има изложувано во повеќето галериски простори низ Македонија, како и надвор од државата.