Кривичниот суд го прифати обвинението против Клиниката „Жан Митрев“, судењето почнува на 28 февруари

Кривичниот суд во Скопје во целост го прифати обвинението против Клиниката „Жан Митрев“ и против едно физичко лице за продолжено кривично дело измама.

Од судот соопштија дека веќе е одреден и датум за првото судското рочиште кое ќе се одржи на 28 февруари.

Јавното обвинителство го поднесе обвинението на 10 јануари годинава. Обвинетиот се товари дека во периодот од јуни 2020 година до јуни 2022 година со прикривање факти ги довел во заблуда оштетените пациенти лекувани во болницата од Ковид-19 кај кои е извршена хемофилтрација, со што им била нанесена штета од вкупно 97,5 милиони денари.

Во обвинението е наведено дека обвинетиот на пациентите и во јавноста ја прикажувал хемофилтрацијата како одобрена и ефикасна за лекување Ковид-19, но според Обвинителството тој не смеел да го промовира овој метод и да го прикрива фактот дека тој не е одобрен во третманот на оваа болест. Истовремено од ОЈО тврдат дека хемофилтрацијата не смеела да се прикажува како безбедна и ефикасна во третманот или превенцијата од Ковид-19.

Од Клиниката „Жан Митрев“ обвинението го нарекоа „неосновано во целост“ и велат дека очекуваат јавен и транспарентен процес.

„Клиника Жан Митрев очекува јавен и транспарентен процес низ којшто ќе ја докажеме нашата невиност во однос на сите обвинувања кон д-р Митрев и кон клиниката. Вистината е на наша страна, обвинението е целосно неосновано и тоа ќе го докажеме и институционално. Очекуваме брз и транспарентен процес на кој преку јасни и јавни информации, сведоштва и доказен материјал ќе се утврди вистината дека ниту еден пациент не бил измамен“, велат од „Жан Митрев“.

Пропустите во работењето на Клиниката „Жан Митрев“ беше тема која ја обелоденија новинарите на ИРЛ во документарната емисија „Нечиста крв“, која се емитуваше во јули минатата година. Во истражувањето беа опфатени сведоштва на семејства на пациенти дека Клиниката криела податоци за интрахоспитални бактериски инфекции кај пациентите, како и тоа дека ја користеле хемофилтрацијата на крвта како метод за лекување на Ковид-19 во клинички испитувања, за кои ниту ги информирале семејствата на пациентите, ниту пак имале дозвола за такви испитувања од надлежните институции.

Отворена истрага и вонредна инспекција за Клиниката „Жан Митрев“ по сторијата на ИРЛ за експерименталното лекување Ковид-19