Отворена истрага и вонредна инспекција за Клиниката „Жан Митрев“ по сторијата на ИРЛ за експерименталното лекување Ковид-19

„Во Република Северна Македонија нема недопирливи, а одговорност, доколку се утврди, ќе има“, вака министерот за здравство Беким Сали ја заврши денешната пресконференција на која најави темелна проверка во врска со наводите дека во Клиниката „Жан Митрев“ имало бројни пропусти при лечењето на пациенти од Ковид-19, објавени во вчерашното новинарско истражување на ИРЛ.

Министерот информираше дека денеска од Државниот санитарен и здравствен инспекторат побарал вонреден инспекциски надзор во Болницата „Жан Митрев“, а побарал и информации дали во последните три години се спроведени редовни и вонредни надзори и кои се резултатите.

Сали посочи и дека инспекциски надзор е покренат и од Агенцијата за лекови – МАЛМЕД, во врска со тоа дали е испочитувана постапката за клиничко испитување на хемофилтрацијата како метод за лекување на Ковид-19.

„Првичните сознанија укажуваат дека не е испочитувана, но да оставиме да се утврди фактичката состојба во Клиничката болница „Жан Митрев“ и овој наод ќе го имаме уште во текот на утрешниот ден, кога истекува и рокот за изјаснување на Болницата, рече министерот.

Тој ја поздрави и денешната одлука на Основното јавно обвинителство кои утрово информираа дека отвориле предмет по допрен глас за пропустите во работењето на Болницата „Жан Митрев“. Министерот не одговараше на новинарски прашања, а најави дека во среда во 11 часот на прескоференција ќе сподели повеќе информации за целата состојба со неправилностите во работењето на приватната болница.

„Министерството за здравство и јас како министер моравме да ги добиеме сите информации за да ја имаме севкупната слика за на јавноста да и доставиме само издржливи и релевантни информации. И уште поважно – семејствата на пациентите заслужуваат да имаат транспарентна севкупна информација. Мојата одговорност е голема за да им доставам и да ги адресирам сите сознанија до кои ќе дојдеме“, додаде Сали.

ИРЛ вчера објави истражувачка документарна емисија насловена „Нечиста крв“ во кои се опфатени сведоштва на семејства на пациенти дека Клиниката „Жан Митрев“ криела податоци за интрахоспитални бактериски инфекции кај пациентите, како и тоа дека ја користеле хемофилтрацијата на крвта како метод за лекување на Ковид-19 во клинички испитувања, за кои ниту ги информирале семејствата на пациентите, ниту пак имале дозвола за такви испитувања од надлежните институции.

Истражувањето на ИРЛ  се потпира на десетици пријави од граѓани, а од редакцијата денеска информираа дека по објавувањето на видеосторијата добиле уште многу пријави од оштетени пациенти кои ќе ги проверуваат во следниот период.

Целосната истражувачка сторија можете да ја погледнете во продолжение: