Корупцијата и судството меѓу главните проблеми на С. Македонија во последниот извештај на Фридом Хаус

Неефикасни контролни механизми против институционалната корупција, загриженост за ефикасноста и независноста на судството и судските постапки, нееднаков третман на граѓаните, семејното насилство и злоупотреба на работничките права се најголемите забелешки во последниот детален извештај кој го објави Фридом Хаус за Северна Македонија.

Во извештајот „Слободата во светот 2023“ земјава остана во категоријата „делумно слободни држави“ со 68 од максимални 100 поени, а деновиве организацијата објави и подетални објаснувања за секоја поединечна категорија која се бодува.

„Нестабилни владини коалиции се чести, како и предвремени избори. Владата продолжува да се соочува со корупција и клиентелизам. Додека медиумите и граѓанското општество учествуваат во енергичниот јавен дискурс, новинарите и активистите и понатаму се соочуваат со притисок и закани“, стои во генералниот преглед за земјата.

Единствена категорија каде има напредок од еден поен во споредба со минатогодишниот извештај е делот за владината отвореност и транспарентност. Во извештајот се посочува дека ова се должи на повеќегодишните пракси на зголемена транспарентност кај владините тела.

Во делот „политички права“ С. Македонија има 29 од можни 40 поени, а најлош скор регистрирала во сегментите за политичка слобода на граѓаните и државната корупција.

„Гласачите генерално се слободни да носат политички одлуки, но информации за заплашување и купување гласови остануваат проблем, особено помеѓу ромските и други социјално загрозени заедници. Мрежите на клиентелизам остануваат значајни во политичкиот живот и можат да влијаат на политичките резултати“, стои во извештајот на Фридом Хаус.

„Корупцијата останува сериозен проблем и постои широка неказнивост за корумпираните владини функционери, како и кај пратеници и членови на правосудството. ЕУ ја пофали Државната комисија за спречување на корупцијата во Извештајот за 2022 година, посочувајќи дека таа била „проактивна“ во адресирање на случаите на кронизам во вработувањата и именувањата и отвори случаи против високи функционери. Сепак, оттаму посочија дека антикорупциските тела немаат доволно ресурси и дека корупцијата и понатаму постои. Групата држави против корупција на Советот на Европа (ГРЕКО) објави дека Северна Македонија нецелосно ги имплементирала нивните антикорупциски препораки во извештајот од јули 2022 година. Граѓаните ја издвојуваат корупцијата како еден од главните проблеми на државата, а една анкета објавена во јули 2022 покажа дека 4 од 10 млади луѓе сметаат дека корупцијата ги мотивира да сакаат да ја напуштат земјата“, додаваат од Фридом Хаус.

Во делот „граѓански слободи“ С. Македонија има 39 од максимални 60 поени. Главните забелешки во овој дел се проблемите во правосудството.

„Остануваат грижите за ефикасноста и независноста на судството. ЕУ ги нагласува реформите во правосудството како главен приоритет во пристапниот процес на Северна Македонија. Извештајот на Европската комисија од октомври 2022 покажа дека Северна Македонија има направено одреден напредок во носење на стратегијата за реформи во правосудството и ги повика властите во Скопје да продолжат со имплементирање на реформите. Судството е јавна институција со најмала доверба во Северна Македонија според последните анкети. Според истражување спонзорирано од Меѓународниот републикански институт (ИРИ), само 4 проценти од граѓаните во Северна Македонија велат дека имаат голема доверба во судството, додека 19 проценти веруваат донекаде“, стои во извештајот на Фридом Хаус.

Од организацијата велат дека правниот процес и понатаму е компромитиран од корупција и клиентелизам во судскиот систем, а проблем останува политичкото мешање во работата на обвинителите како и високо корумпираната култура во судството. Од Фридом Хаус велат дека постои и селективност во примена на правдата иако биле спроведени одредени реформи за да се отстрани овој проблем.

Извештајот наведува дека и понатаму постои општествена дискириманција на одредени групи од населението.

„Анти-албанското чувство и понатаму е присутно во некои кругови. Ромската популација се соочува со голема дискриминација. Законите забрануваат сексуално вознемирување на работното место, но многу вакви случаи не се пријавуваат. Правата на ЛГБТ+ лицата се ограничени. Извештајот на американскиот Стејт департмент за човекови права за 2022 потенцираше дека насилството против ЛГБТ+ индивидуалци останува проблем во земјата, а според локалните невладини организации властите често несоодветно ги истражуваат овие случаи“, се посочува во извештајот на Фридом Хаус.

Од организацијата истакнуваат дека иако силувањето на брачниот партнер и семејното насилство се нелегални, тие и понатаму се честа појава и нередовно се пријавуваат, а полицијата не е постојано респонзивна за жртвите.

Според последниот извештај на Фридом Хаус од земјите во регионот С. Македонија стои подобро од Босна и Херцеговина (52 поени), Србија и Косово (60) и Црна Гора и Албанија (67), додека подобри од земјава се Бугарија (79), Хрватска (84), Грција (86) и Словенија (95), која е меѓу најслободните земји во светот.

С. Македонија е една од ретките држави во регионот кои забележале напредок во слободите изминатава година. Поголем напредок се забележува само кај Словенија (+5 поени) и Косово (+4). Бугарија, Албанија и Црна Гора немаат промена во поените кои ги доделува Фридом Хаус, додека Грција (-1), Хрватска (-1), Босна и Херцеговина (-1) и Србија (-2) забележале назадување.

Најслободни држави во светот оваа година се Шведска, Финска и Норвешка, кои имаат максимални 100 поени, а во првите десет држави се уште и Нов Зеланд (99), Канада (98), Ирска, Сан Марино, Луксембург, Холандија и Данска (97).

На дното на листата се наоѓаат Тибет, Јужен Судан и Сирија кои имаат 1 поен од можни 100, а меѓу 10-те најнеслободни држави и територии се наоѓаат уште и Туркменистан, Источен Донбас, Северна Кореја, Еритреја, Западна Сахара, Крим и Екваторијална Гвинеја.

Даниел Евросимоски