Објавен документ за проценка на ризиците од корупција во правосудниот систем

Исказите и искуствата од прва рака на судиите и обвинителите се во сржта на Проценката на ризиците од корупција во правосудниот систем подготвена од Државната комисија за спречување на корупцијата. Оваа проценка, објавена денеска со поддршка од Мисијата на ОБСЕ во Скопје, фрла светлина врз ризиците и ранливостите кои го попречуваат спроведувањето на правдата во С. Македонија.

Проценката ги истражува надворешните и внатрешните ризици од корупција кои претставуваат закана за независноста на судството и за автономијата на обвинителството. Публикацијата беше подготвена во соработка со Здружението на судии и Здружението на јавни обвинители, кои помогнаа да обезбедат речиси половина од нивните членови да учествуваат во процесот на проценка.

„Преку гласовите на судиите и обвинителите и нивните лични искуства, оваа проценка го предизвикува статус квото. Таа не е само документ – туку е катализатор за промени. Таа е повик за преземање акција, нè повикува да се стремиме кон правосудство кое ги поддржува принципите на правичност, независност и одговорност. Наша колективна должност е да обезбедиме јавните институции да ги заштитат правата на граѓаните и да ги зајакнат столбовите на демократијата и владеењето на правото“, рече шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Килијан Вал на промотивниот настан.

„Обвинувањата за корупција се многубројни. Анегдотите за несоодветно влијание во правосудниот сектор се реални и тие се пребројни. Ова не е време за „бизнис како и вообичаено“; ова е време за смели чекори и акција. За најдобро да ги насочиме нашите колективни ресурси, треба да погледнеме што ни кажуваат податоците. Да работиме сите заедно за да се бориме против корупцијата што постои и да ги елиминираме ризиците што таа ги носи во правосудството“, рече Ерик Мејер, заменик-шеф на Мисија во Амбасадата на САД.

Билјана Ивановска, претседателка на Државната комисија за спречување на корупцијата, рече дека наодите од проценката ќе бидат проследени со конкретни политички препораки кои ќе ги придружуваат клучните стратешки документи на земјата кои се однесуваат на правосудството.

Таа ги повика судиите и обвинителите да ги искористат овие наоди за да го подобрат интегритетот на нивните соодветни институции.

„Соработката со Мисијата на ОБСЕ во Скопје неколку години наназад, резултира со бројни активности, мноштво креирани документи, истражувања и препораки, за подобрување на состојбите во правосудниот систем. Анализата е дел од оваа соработка и се надевам дека значително ќе придонесе кон имплементација на законските механизми за независно, отчетно и отворено судство, како предуслов за подигање на јавната доверба“, рече судијата Џемали Саити, претседател на Здружението на судии од С. Македонија.

Елвин Вели, претседател на Здружението на јавни обвинители, рече дека личниот интегритет на јавните обвинители претставува најзначајна алатка за отстранување на било какви влијанија во постапувањето.

„Сите правосудни институции се меѓусебно поврзани и до ефикасни резултати може да се дојде единствено доколку секој од нас лично се вложи и го даде максимумот за подигнување на стандардите и етичноста во постапувањето“, додаде тој.