[Фото] „Правдата ќе победи“ – мурал изработен по ученички цртеж претставен вo „Владо Тасевски“

„Вие сте новиот Пикасо со ‘Герника’ или Бенкси со своите мурали, бидејќи со цртежите правите влијание на околината“, им порача професорката Симона Петковска Илиеска на учениците од ОУ „Владо Тасевски“, каде денес беше претставен муралот „Правдата ќе победи“, адаптиран по ученички цртеж кој победил на претходен ликовен конкурс.

Муралот е изработен во рамки на програмата за ученички, односно младински активизам која веќе четири години се одвива во скопското основното училиште „Владо Тасевски“, под менторство на професорката за граѓанско општество и етика Петковска Илиеска.

Победничкиот цртеж при изведба на муралот е адаптиран од страна на академскиот сликар Дејвид Стоилковски. 

Професорката додаде дека подигнувањето на свеста кај младите за она што може да го сторат за општеството е многу важно.

Победничкиот мурал

„Нас не ни е битно да знаат што е демократија, човекови права, корупција, владеење на право, колку што ни е важно тоа да го живеат, такви личности да станат. Темата оваа година беше корупција – тешка и мачна тема, меѓутоа на највисоко можно ниво ја остварија целта и јас сум посебно горда со сите нив“, истакна професорката.

Победничкиот цртеж е на ученичката од деветто одделение Андреа Јакимовска, додека цртежот кој го освои второто место е на Димитар Писевски од седмо одделение.  Ана Марија Томов од седмо одделение беше авторката на цртежот кој го освои третото место.

Учениците автори на победничките автори со организаторите

„За почеток би сакала да се заблагодарам на мојот ментор и со тоа што имам прилика да учествувам во овој проект, многу сум благодарна за оваа прилика и за тоа што победив“, истакна Јакимовска.

Свои куси обраќања имаа и Писевски и Томов, кои исто така се заблагодарија за учеството и на менторите.

„Јас сум многу благодарен со тоа што сум го нацртал и мислам дека не би можело толку убаво да го нацртам без менторите што беа со нас на предавањето и јас се надевам дека ова ќе има позитивен ефект на младата генерација и ќе им даде убаво објаснување на луѓето што е тоа корупција“, посочи Писевски.

Трите наградени цртежи

Ана Марија Томов изјави дека е многу среќна за учеството,  бидејќи ретко се одвиваат вакви настани.

„Мислам дека е многу важно за да се развие знаењето и свеста на младата генерација за корупција затоа што ние сме идните професори, директори… Ние сме иднината и ние имаме најголема можност да направиме иднина без корупција“, посочи таа.

Настанот со свое обраќање го отвори директорката на основното училиште, Викторија Кочевска која им се заблагодари на учениците кои ја поддржале идејата да цртаат на тема која ќе ги потсетува граѓаните на отсуството на правда.

„Делото ќе ги потсеќа граѓаните дека во отсуство на правда и во отсуство на чесност ние живееме неквалитетен, мрачен живот. Тоа значи дека веднаш треба да се вратиме на вистинските вредности бидејќи тие се темелот на човековото постоење“, порача Кочевска.

Победничкиот цртеж е дел од ликовни натпревари во две училишта – ОУ „Владо Тасевски“ – Скопје и ОУ „Климент Охридски“ од Облешево кој се одвивал годинава, а околу 100 ученици имале можност да го претстават доброто владеење преку цртеж.

На ликовниот конкурс претходеле предавања за корупција од страна на Истражувачка репортерска лабораторија (ИРЛ), а потоа и предавања за уметничко изразување.

Најдобриот цртеж бил избран од жири-комисија, односно Саша Џејсон, програмскиот менаџер на американскиот колеџ „Стендфорд“ и Деница Чадиковска, новинарка од ИРЛ.

Мини проектот бил реализиран со поддршка од Standford CDDRL, Лидерската мрежа за промени и Center for international private enterprize (CIPE).

Организаторите посочуваат дека проектот цели да ја покрене свеста и да поттикне размислување, активизам и влијание на младите во локаслната средина на темите за добро владеење, корупција и клиентелизам.

Темата оваа година била „Демократијата е во криза“.

Ивана Смилевска