„Фридом хаус“: С. Македонија е делумно слободна земја со еден поен напредок во политичкиот плурализам

Во најновиот извештај „Слободата во светот 2022“, „Фридом хаус“ истакнува дека С. Македонија е во групата на земји кои имаат делумна слобода, со вкупен резултат од 67 од 100 поени, што е подобрување за само еден поен од претходната 2021 (66/100), и четири поени повеќе од 2020 (63/100). Ист годинешен резултат како земјава има и Црна Гора, како две најслободни во регионот, додека оценката на Босна и Херцеговина е непроменета, а Србија направи уште еден чекор назад и повторно е на листата на оние кои најмногу заостанале во последните десет години.

Едниот поен напредок за С. Македонија е евидентиран во делот „Политички плурализам и партиципација“ поради „трката на повеќе политички партии и независни кандидати на национално и локално ниво“.

Како клучни случувања од извештајот е нотирано тоа што владејачката СДСМ имаше слаби резултати на локалните избори во октомври, додека опозициската ВМРО-ДПМНЕ победи со 22 градоначлници во првиот круг.

„Набљудувачите на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) ги нарекоа изборите конкурентни, но забележаа и обвинувања за заплашување и купување гласови. Премиерот Зоран Заев најави дека има намера да поднесе оставка по локалните избори и формално се повлече на крајот на декември, откако обезбеди обновена владина коалиција. Димитар Ковачевски потоа стана мандатар, останувајќи на таа ефективна функција на крајот на годината“, се вели во извештајот.

Нотирано е и дека С. Македонија го спроведе својот прв попис од 2002 година во септември, а конечните резултати се очекуваат во 2022 година. Во извештајот стои дека припадниците на етничките албански и турски заедници изразија загриженост за застапеноста врз основа на резултатите, иако Заев вети дека правата на воспоставените заедници нема да бидат засегнати.

„Бугарската влада ја задржа блокадата на С. Македонија за пристап во Европската унија (ЕУ) во текот на годината, иако бугарскиот премиер Кирил Петков изрази интерес за обновување на разговорите со Скопје во декемвриското интервју“, се вели во извештајот.

„Фридом хаус“ пишува дека земјава продолжува да се бори против корупцијата и клиентелизмот. Корупцијата ја карактеризира како „сериозен проблем“. Додека медиумите и граѓанското општество се вклучуваат во силен јавен дискурс, новинарите и активистите продолжуваат да се соочуваат со притисок и заплашување.

„Извештајот на Здружението на новинари на Македонија од јуни 2021 година броеше 14 закани и физички напади врз новинари во 2020 година, додека само 4 такви инциденти биле забележани во 2019 година. Повеќе од половина од целите биле новинарки“, стои во извештајот.

Нотирано е и дека малите ЛГБТ+ групи за застапување се политички активни, но ЛГБТ+ луѓето имаат мала застапеност во политиката. „Фридом хаус“ потсетува дека парламентарците во 2018 година формираа ЛГБТ+ работна група.

На пошироко глобално ниво, „Фридом хаус“ вели дека слободата се соочува со страшна закана. Осум од десет жители на планетата денес живеат во земја која не е слободна или е само делумно слободна.

„Ширум светот, непријателите на либералната демократија – форма на самоуправа во која се признаваат човековите права и секој поединец ужива еднаков третман пред законот – ги забрзуваат своите напади“, соопшти меѓународната организација.