ЦГК: Расте примената на нетранспарентната постапка со преговарање без објавување оглас

Центарот за граѓански комуникации (ЦКГ) денеска го објави Извештајот од мониторингот на јавните набавки за периодот од јануари до јуни 2020 година, посочувајќи дека расте примената на нетранспарентната постапка со преговарање без објавување оглас. Во периодот, преку нетранспарентна постапка со преговарање без објавување оглас биле склучени договори во вредност од 11 милиони евра, што е за 15% повеќе од истиот период претходната година, посочуваат тие.

Истовремено, во клучните наоди на извештајот се наведува дека институциите не се консултираат со бизнис-секторот во насока на подобрување на тендерските документации, а со тоа и на самиот процес на јавните набавки. Во мониторираниот период, според нив, спроведен е технички дијалог само за 1.4% од тендерите, а додаваат дека пропусти се забележуваат и во ваквиот симболичен процес на консултации.

„На секој трет тендер е доставенa една или ниту една понуда. Конкуренцијата во јавните набавки во првото полугодие од 2020 година упатува на минимално подобрување во однос на истиот период во 2019 година, но влошување во однос на целата 2019 година. ’Најниската цена‘ е користена како критериум за избор на најповолна понуда во 96 % од спроведените тендери, со што е задржан неповолниот тренд од претходната година. Оправдан е сомнежот дека со толку големата примена на критериумот ’најниска цена‘ се доведуваат во прашање начелата на економичност, ефикасност и ефективност на јавните средства“, стои во клучните наоди на извештајот.

Електронската аукција, како што посочуваат тие, е користена во дури 92% од тендерите, со што, како што додаваат, се овозможува и натаму да бидат широко распространети манипулациите што таа ги генерира во јавните набавки.

„Иако проценетата вредност на тендерите не се објавува јавно, сепак некои понудувачи доставуваат понуди што се симптоматично блиску до проценетата вредност. На локалните тендери се забележува непочитување на Законот за јавните набавки, особено во делот на образложение на потребата од набавката и на причините за неделивост“, истакнуваат од ЦГК.

За повеќе информации за работата на Центарот за граѓански комуникации – на веб-страницата http://www.ccc.org.mk/ и http://www.opendata.mk/.