Претставени предлози за намалување на корупцијата во тендерите на јавните претпријатија

Зајакнување на интегритетот, подобрување на процесот на спроведување, зголемување на транспарентноста и идентификување и санкционирање на корупцијата во јавните набавки.

Ова се четирите сегменти низ кои се поделени предлозите за намалување на корупцијата во тендерите на јавните набавки, но и унапредување на начинот на нивно спроведување од претпријатијата основани од Владата и општините.

Предлозите денеска беа претставени на работилница организирана од Центарот за граѓански комуникации (ЦГК), каде учестува 60 претставници од разни засегнати страни, претставници и институции и амбасадори.

„Чисти јавни набавки во значителна мера влијаат врз квалитетот на животот на граѓаните, но исто така и врз економскиот развој на земјата. Затоа ефективен систем на јавни набавки е составен дел од патоказот на Северна Македонија кон Европската Унија. Оттука, не треба да изненадува тоа што оваа област е во првиот кластер ‘фундаменти’ согласно новата методологија за пристапување кон ЕУ“, истакна амбасадорот на Кралството Холандија во Скопје,  Дирк Јан Коп.

Според претседателката на Антикорупциска комисија, Билјана Ивановска „субјективниот, односно човечкиот фактор е пресуден за правилно или неправилно спроведување на Законот за јавните набавки и за барање пропусти во законот или за принципиелно и транспарентно спроведување на набавките, што ги намалува и ризиците од корупција.“

Директорот на Бирото за јавни набавки, Борче Хаџиев, истакна дека „во контекст за намалување на ризиците од корупција и зголемување на интегритетот во процесот на јавни набавки Бирото останува отворено за натамошна соработка со засегнатите страни во борбата против корупција. Особено внимание ќе посветиме на зајакнување на меѓуинституционалната соработка со главните чинители во борбата против корупцијата, особено Државната комисија за спречување на корупцијата, Државниот завод за ревизија, како и Државната комисија за жалби по јавни набавки“.

Препораките се изработени во рамките на проектот „Кон отчетни јавни претпријатија“, што го спроведува Центарот за граѓански комуникации со финансиска помош од Амбасадата на Kралството Холандија во Скопје