Граѓанските организации бараат поголема транспарентност од Владата за големите инвестициски проекти

Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата преку соопштение до јавноста изрази загриженост од ниското ниво на транспарентност на процесот со кој Владата на Република Северна Македонија ја договара изградбата на автопатските делници од коридорите 8 и 10.

„Од информациите кои и се достапни на јавноста не може да се утврди оправданост за најавеното склучување на директен договор за реализација на инфраструктурни проекти без да се примени Законот за јавни набавки. За нас како граѓани е исклучително важно целиот процес да биде транспарентен од објавување на оглас до склучување на договорот, да овозможи учество и еднаков третман на сите заинтересирани компании, да обезбеди правна заштита на сите учесници во постапката и секако она што е особено значајно да се овозможи надзор врз целата постапка од страна на надлежните институции, заинтересираната стручна јавност и граѓаните“, стои во нивната реакција.

Организациите додаваат дека примената на посебно законско решение е лош начин за управување со капиталните инвестиции, бидејќи на тој начин се оневозможува натпревар помеѓу економските субјекти од земјава и странство, што носи зголемен ризик од цени повисоки од пазарните. Вакви постапки, објаснуваат од Платформата, сериозно можат да ги нарушат принципите за добро владеење и да доведат до можни злоупотреби.

„Воедно, еден од клучните аргументи којшто беше изнесен во јавноста од страна на претставниците на Владата во одбрана на концептот на примена на посебно законско решение и склучување на директен договор за изградба на автопатските делници,  беа негативните последици од изградбата на автопатската делница Кичево – Охрид. Но, укажуваме дека токму тој договор беше склучен без да се примени Законот за јавни набавки и со донесување на посебен Закон“, велат од Платформата.

Грашанските организации, во нивниот заеднички став, бараат Владата да го напушти концептот на директно договарање и планирањето на големите инфраструктурни проекти да го спроведува јавно, а реализацијата на проектите во конкурентна и транспарентна постапка.