ЦГК: Расте отфрлањето на понудите на фирмите на тендерите, секој трет тендер се поништува

Поништувањата на тендерите стигнаа до 33 %, што е највисоко ниво во последните неколку години. Најмногу поради немање понуди или поради неприфатливи понуди. Во пораст е отфрлањето на понудите на фирмите на тендерите поради проблеми со документацијата или со понудените предмети на набавка.

Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) го објави Извештајот од мониторингот на јавните набавки за периодот јули-декември 2020 година.

Според мониторингот, контролирани се само 1 % од тендерите во земјава и во секој петти контролиран тендер се пронајдени неправилности.

„Конкуренцијата кај локалните тендери останува значително пониска отколку кај тендерите на институциите на национално ниво. Во жалбената постапка се намалува уделот на уважени жалби од фирмите, а расте уделот на одбиени жалби“, соопштува ЦГК.

Исто така, ЦГК ги објави и резултатите од анкетата на фирмите за нивното искуство при учеството на тендерите.

„Проблем број еден во јавните набавки за 77 % од фирмите е ’најниската цена‘ како критериум за избор на најповолната понуда. Дека фирмите се договараат на тендерите сметаат 60 % од испитаните фирми“, велат од ЦГК.

Понатаму, 47 % од фирмите не се жалат на тендерите поради недоверба во Државната комисија за жалби по јавни набавки.

„Фирмите го оценуваат процесот на јавни набавки во земјава со просечна оценка од 2,8 (на скалата од 1 до 5), што е исто како лани. Доминантни 60 % од фирмите велат дека корона-кризата влијаела негативно врз нивното учество на тендерите“, се вели во соопштението на ЦГК.

Мониторингот на јавните набавки се спроведува во рамките на активноста Јавно трошење за јавно добро, поддржана од Проектот на УСАИД за граѓанско учество.

Целта на оваа активност е зголемување на ефективноста на јавното трошење преку намалување на корупцијата и зголемување на транспарентноста. За повеќе информации за работата на Центарот за граѓански комуникации, може да се посети веб-страницата: http://www.ccc.org.mk/ и http://www.opendata.mk/.