Службено возило со кожен волан и шест звучници купено на тендер за КОВИД-19, од ЦГК алармираат на ризици од корупција

Службено возило со кожен волан, шест звучници и металик боја кое било набавено на тендер за КОВИД-19 е само еден од примерите за можна злоупотреба во новиот извештај на Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) кои ги мониторираа јавните набавките за КОВИД-19.

Покрај службеното возило, во извештајот се посочени и други јавни набавки кои тешко можат да се доведат во врска со КОВИД-19, како на пример набавка на печатени обрасци за амбулантен дневник, семеен патронажен дневник, извештај за пари, книга за редовност, рецепти, советувалиште за доенчиња, забоздравствен картон или пак неколку набавки на компјутери.

„Многу набавки во мониторираниот примерок, иако се означени како набавки за КОВИД-19, не можат да се доведат во врска со КОВИД-19. Иако некои од тие набавки можеби навистина, барем индиректно, се поврзани со заштита од КОВИД-19, сепак, поради тоа што институциите не ја исполнуваат законската обврска да ги образложуваат потребите од набавките – не може да се сфати дека на каков било начин се поврзани со кризата. Инаку, таквото образложение во себе би требало да ги содржи и причините за набавката, со што јасно би се навела поврзаноста на потребата набавка со заштита од КОВИД-19“, велат од ЦГК.

Од организацијата додаваат дека на сите вакви тендери од мониторираниот примерок имало само по една понуда, дури и за набавка на производи за коишто вообичаено има поголема конкуренција.

Извештајот е изработен врз основа на длабински мониторинг на постапките за јавни набавки на стоки, услуги и работи чии договори се склучени во второто полугодие од 2021 година, а од ЦГК велат дека јавните набавки поврзани со КОВИД-19 и во второто полугодие од 2021 година, односно и по повеќе од една година од почетокот на кризата, изобилуваат со проблеми и ризици од корупција.

Дел од заклучоците во извештајот се:

  • Проценетите вредности на набавките и натаму се многу повисоки од цените добиени на тендерите, што може да упатува на ризикот од намерно оставање простор за склучување договори по повисока вредност за да има доволно пари и за корупција.
  • Кога има еден понудувач или останува еден понудувач по елиминирање на другите понуди во фазата на евалуација, речиси без исклучок понудената цена се совпаѓа или е многу блиску до проценетата вредност на набавката иако таа не е јавно објавена, што упатува на претходно вонзаконско договарање меѓу институциите што набавуваат и фирмите понудувачи.
  • И натаму има големи разлики во цените за исти производи, набавени во ист временски период, што се движат и до 500 %.
  • При набавката на реагенси, постои долгорочна зависност од фирмата чијшто апарат за тестови го користи институцијата, што содржи ризик од плаќање високи цени за реагенсите и можност за корупција.
  • Постои слаба документираност на и онака нетранспарентните постапки со преговарање без објавување оглас.
  • Ангажирањето надворешни лица и фирми за спроведување на јавните набавки носи високи ризици од судир на интереси и корупција.
  • Како јавни набавки за КОВИД-19 се набавувани производи што не можат лесно да се доведат во врска со пандемијата, како, на пример, службено патничко возило со кожен волан, шест звучници и металик боја.

Од ЦГК посочуваат дека овој извештај е изработен врз основа на длабински мониторинг на 40 постапки за јавни набавки на стоки, услуги и работи за заштита од КОВИД-19, чии договори се склучени во второто полугодие од 2021 година, односно од 1 јули до 31 декември 2021 година.

Опфатените постапки претставуваат 52 % од сите тендери за КОВИД-19 во периодот на мониторингот (вкупно 77 тендери). Вредноста на мониторираните тендери изнесува 1,25 милиони евра, што е 30,4 % од вредноста на сите тендери за КОВИД-19 во анализираниот период (4,1 милиони евра).

Целосниот извештај е достапен на следниов ЛИНК.