11 починати и 333 новозаразени со Ковид-19

Министерството за здравство (МЗ) денеска информираше дека во изминатото деноноќие од Ковид-19 починале 6 лица. Починати се 2 лица од Велес (64г и 83г) и по едно лице од Скопје (74г), Прилеп (90г), Кичево (85г) и Радовиш (79г).

„Согласно Регистарот на умрени лица со дијагноза КОВИД-19 од Мој Термин, пријавени се дополнително 5 лица, починати во период од 22.11-20.12.2021 година. Починатите лица се од Куманово (2), Скопје (1), Битола (1) и Гостивар (1). Починатите лица се на возраст од 1г до 86г. Од пријавените, 3 лица се починати во болнички услови, а 2 лица се починати во домашни услови“, се вели во соопштението на МЗ.

Од Министерството објаснуваат дека едногодишното дете починало на 29 ноември, а според податоците од Клиниката за детски болести тоа повеќекратно било хоспитализирано на клиниката поради компликации во склоп на основните заболувања, остеохондродисплазија, епилепсија, хидроцефалус, малнутриција и дилатациона кардиомиопатија.

„До денот на последната хоспитализација , детето е хоспитализирано во Клиничка болница Битола каде поради долнореспираторен инфект е лекувано од 15.11.2021 до 24.11.2021 кога поради влошување на општата состојба и добиен позитивен тест на Ковид 19 , е упатено во ИБЗД Козле. По аплицирана терапија и неможност да се одговори на тежината на клиничката слика на детето кое е со континуирано ниска кислородна сатурација од 64%, а во претходен договор, од ИБЗД Козле детето се префрла на Клиника за детски болести како институција од терцијарен карактер, за понатамошен третман и соодветно лекување. Интензивниот мониторинг и лекување на детето во единица ургентен центар кое од денот на прием е на механичка вентилација, се одвива од 24.11.2021 до 29.11.2021 година, кога и покрај сите превземени дејствија за лекување и реанимација, завршува летално“, посочуваат од МЗ.

Во последните 24 часа потврдени се 333 нови случаи на Ковид-19. Регистриран е 181 случај во Скопје, Прилеп и Битола – по 25, Охрид – 14, Куманово и Струмица – по  8, Велес и Кавадарци – по 7, Кичево – 6, Кочани, Ресен, Валандово и Демир Капија – по 5 и 4 во Штип.

Потоа, регистрирани се по 3 случаи на Ковид-19 во Гевгелија, Неготино, Радовиш и Пробиштип, Крива Паланка, Делчево, Виница, Крушево и Македонски Брод – по 2 и по 1 во Тетово, Гостивар, Струга, Свети Николе, Богданци и Демир Хисар.

Регистрирани сe 311 оздравени пациенти, односно од Скопје – 143, Битола – 23, Охрид – 17, Кавадарци – 16, Прилеп – 15, Куманово – 13, Струмица и Штип – по 9, Валандово и Велес – по 8, Неготино – 7, Гевгелија – 6, Кочани – 5, Крива Паланка, Крушево и Свети Николе – по 4, Ресен, Радовиш, Пробиштип и Тетово – по 3, Кичево – 2 и по 1 од Демир Капија, Делчево, Виница, Богданци, Демир Хисар и Македонска Каменица.

„Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 222.666, бројот на оздравени пациенти е 209.602, на починати е 7.879, а бројот на активни случаи изнесува 5.185“, стои во соопштението на МЗ.

Досега во земјава се направени вкупно 1.565.599 тестирања на Ковид-19, а во изминатото деноноќие се направени 3.511 тестови.