С. Македонија останува делумно слободна земја според Фридом Хаус, регистриран минимален напредок од лани

Северна Македонија останува делумно слободна земја и во најновиот извештај „Слободата во светот 2023“ кој го изработува Фридом хаус. Земјава оваа година има резултат од 68 од максимални 100 поени, што е подобрување за само еден поен во споредба со лани.

Од земјите во регионот С. Македонија стои подобро од Босна и Херцеговина (52 поени), Србија и Косово (60) и Црна Гора и Албанија (67), додека подобри од земјава се Бугарија (79), Хрватска (84), Грција (86) и Словенија (95), која е меѓу најслободните земји во светот.

С. Македонија е една од ретките држави во регионот кои забележале напредок во слободите изминатава година. Поголем напредок се забележува само кај Словенија (+5 поени) и Косово (+4). Бугарија, Албанија и Црна Гора немаат промена во поените кои ги доделува Фридом Хаус, додека Грција (-1), Хрватска (-1), Босна и Херцеговина (-1) и Србија (-2) забележале назадување.

Едниот поен подобрување во однос на 2022 е регистриран во категоријата „политички права“, додека во категоријата „граѓански слободи“ состојбата во С. Македонија е непроменета.

Извештајот „Слободата во светот“ одбележува 50 години од постоењето, а главниот заклучок за 2023 е дека глобалните слободи повторно се во пад и тоа 17-та година по ред.

„Агресивната војна на Москва водеше кон ужасни злосторства по човековите права во Украина. Нови државни удари и други обиди за рушење на избраните власти ги дестабилизираа Буркина Фасо, Тунис, Перу и Бразил. Државните удари во претходните години и репресијата која трае продолжија да ги газат основните слободи во Гвинеја и да ги ограничуваат оние во Турција, Мјанмар и Тајланд меѓу другите. Две држави забележаа назадување во нивниот генерален статус – Перу се спушти од „слободна“ во „делумно слободна“ земја, а Буркина Фасо беше уназадена од „делумно слободна“ во „неслободна“ држава“, велат од Фридом Хаус.

Фото: Фридом Хаус

Во извештајот се наведува дека демократските назадувања можеби стигаат до точка на пресврт, бидејќи разликата меѓу земјите кои забележале подобрување во слободата и оние кои регистрирале назадување е најмала во последните 17 години.

„34 држави забележале подобрување, а бројот на земји со назадување – 35 – е најнизок откако започна оваа негативна серија. Подобрувањата се најмногу поради поконкурентни избори и повлекување на рестрикциите воведени во пандемијата, кои влијаеа на слободата на движење и собири. Две држави, забележаа подобрување на нивниот генерален статус од „делумно слободин“ во „неслободни“ – Колумбија и Лесото“, стои во извештајот.

Најслободни земји оваа година се Шведска, Финска и Норвешка, кои имаат максимални 100 поени, а во првите десет држави се уште и Нов Зеланд (99), Канада (98), Ирска, Сан Марино, Луксембург, Холандија и Данска (97).

На дното на листата се наоѓаат Тибет, Јужен Судан и Сирија кои имаат 1 поен од можни 100, а меѓу 10-те најнеслободни држави и територии се наоѓаат уште и Туркменистан, Источен Донбас, Северна Кореја, Еритреја, Западна Сахара, Крим и Екваторијална Гвинеја.