Контроверзно полско ријалити ТВ шоу од учесниците бара да живеат како бегалци

Во Полска есенва ќе почне да се емитува телевизиско ријалити шоу кое ќе ги следи учесниците како патуваат наназад низ бегалската рута во Европа, завршувајќи во Ирак.

Шоуто се вика „Врати се на местото од каде си дошол“ и ќе прикажува шест учесници кои ќе „живеат како бегалци“ скоро еден месец, пренесува ТВН телевизиската мрежа.

Тие патувале само со нивните пасоши, малку пари и телефони низ Германија, Австрија, Унгарија и Србија, пред да стигнат до Грција каде со брод го преминале Средоземното Море. Учесниците поминале и време во бегалските кампови и го завршиле нивното патување во регионот Курдистан во Ирак, пренесува Еуроњуз.

Продуцентите велат дека шесте полски државјани, избрани за шоуто, имаат различни мислења во врска со мигрантската криза.

„Ова ќе биде еден од најтешките авантури во нивниот живот. Како ова патешествие ќе ги промени мислењата околу имиграцијата на нашите херои? Дали ќе го промени начинот на кој го гледаат својот живот?“, стои во најавата на ријалити шоуто.

Критичарите ги обвинуваат продуцентите дека ги искористуваат маките на мигрантите за комерцијална добивка. Но, Богдан Чаја, асистентот програмски директор на ТВН за полскиот портал „Прес“ изразил надеж дека шоуто ќе придонесе за дебатата околу миграциите.

„Свесни сме дека ова е политички чувствително и контроверзно прашање. Нашата желба е шоуто да биде дел од дијалогот“, изјавил Чаја.

Шоуто е базирано на австралиска емисија со исто име, која се емитувала од 2011 до 2015 година.

И покрај вештачкото сценарио, кое е суштината на шоуто, креаторите инсистираат дека тоа повеќе е документарна програма, отколку ријалити телевизија.

Пјотр Крашко, новинар кој ги следел шесте учесници на патувањето, вели дека „прашањето за бегалците е една од најважните теми за дискусија во земјите од Европа“.

„Не верувам дека било кој би се вклучил во шоуто, доколку сметал дека постои имало нешто неетичко во продукцијата“, додал новинарот.

Крашко вели дека низ комуникација со бегалците од државите како Сирија, Руанда, Либија и Ирак скоро сите од нив биле „убедени дека светот заборавил на нив“.

Расположението кон бегалците во Полска стана понегативно од пикот на европската бегалска криза пред три години и покрај тоа што земјата останува една од најхомогените општества во Европската Унија. Само 1,1% од населението на Полска е родено надвор од членките на ЕУ, но како и во другите места низ Европа, Полјаците имаат доста погрешна перцепција сметајќи дека таа бројка е 10% од 38-те милиони луѓе кои живеат во Полска.

Полската влада повеќе пати има одбиено да прими мигранти од Блискиот Исток и Северна Африка, посочувајќи дека примиле илјадници баратели на азил од конфликтот во Украина.