По големиот успех со онлајн играта „Вордл“ Њујорк Тајмс можеби го има новиот хит на игри со зборови.
Се работи за новата дневна загатка наречена „Конекции“ (Connections) која се вклучува на списокот игри на медиумската компанија. По успешното тестирање летово, играта стана втора најпопуларна веднаш зад „Вордл“ со минимална промоција. Корисниците на апликацијата на Њујорк Тајмс од оваа недела можат да ја најдат оваа игра на нивните апликации, а достапна е и во верзија на интернет пребарувачите.
„Конекции“ е игра во која се бараат асоцијации од зборови. На играчите им се нудат 16 зборови, кои треба да бидат групирани во 4 различни категории – од најлесна до најтешка. Секој има право на четири обиди за да ги погоди сите категории, односно асоцијации.
Џонатан Најт, директорот на секторот за игри во Њујорк Тајмс за Си-Ен-Ен изјавил дека „Конекции“ се развиваат една година. По одредени измени и прилагодувања играта била пуштена во тест фаза во јуни и според него веднаш станала хит. Тој вели дека во моментов ја играат милиони луѓе секоја недела, додавајќи дека играта е многу лесна за сфаќање. Оваа загатка е и една од игрите кои имаат најголем уреднички печат, бидејќи секој ден уредниците смислуваат интересни зборови кои треба да се групираат меѓусебно, но всушност не се поврзани еден со друг.
„Онаа човекова компонента со човекот кој ги смислува загатките секој ден и се обидува да ги надмудри, додека тие се обидуваат да го надмудрат него. Мислам дека тоа е магијата“, вели Најт.
Игрите и другиот вид апликации како готвењето се клучен сегмент на стратегијата на Њујорк Тајмс да ги подигне приходите покрај вообичаеното рекламирање. Нивните приходи од претплата на дигитални продукти пораснале за речиси 7% во вториот квартал од оваа година на 409,6 милиони долари, додека приходите од реклами се останати исти. Тајмс во моментов има 9,1 дигитални претплатници.
„Вордл“ продолжува да биде нивната најголема игра, а нејзината популарност имала дополнителен ефект на популарноста и на други игри кои ги нуделе на корисниците, како и на подигање на бројот на претплатници.
„Конекции“ е достапна на следниов ЛИНК.