Рекорден број затворени новинари низ светот, покажува нов извештај

Бројот на новинари кои се зад решетки низ светот достигна ново највисоко ниво во 2021 година, покажува годишниот извештај за слободата на медиумите и нападите врз новинарите на Комитетот за заштита на новинарите.

Вкупно 293 новинари се затворени до 1-ви декември, а најмалку 24 новинари биле убиени за време на нивната работа, додека 18 други новинари починале во неразјаснети околности и не може да се утврди дали биле мета поради нивната работа.

Иако причините за затворање на новинарите се разликуваат од држава до држава, според Комитетот, рекордната бројка покажува дека низ светот има раст на нетрпеливоста кон независното новинарство.

„Ова е шеста година по ред како Комитетот за заштита на новинарите регистрира рекорден број на затворени новинари низ светот. Бројката отсликува два нераздвојни предизвици – владите се одлучни да ги контролираат и менаџираат информациите, и тие се сè повеќе бесрамни во начините да го постигнат тоа“, вели Џоел Симон, директорот на Комитетот за заштита на новинарите.

Кина има најголем број на затворени новинари во светот, вкупно 50. По неа следуваат Мјанмар (26), Египет (25), Виетнам (23) и Белорусија (19).

Мексико, каде новинарите често се мета поради нивните истражувања во криминалните банди и корумпираните политичари, се најсмртоносната земја за известување.