Филипини нареди затворање на критичкиот новински сајт на нобеловката Марија Реса

Властите во Филипини одново наредија затворање на новинскиот сајт Раплер, чиј основач е добитничката на Нобеловата награда за мир, Марија Реса.

Сајтот, кој објавува истражувачки новинарски стории, е еден од ретките медиуми во земјата кој има критички пристап кон владата на претседателот Родриго Дуерте.

Одлуката на регулаторните тела доаѓа во моментите кога Дуерте треба да ја препушти функцијата на неговиот наследник и сојузник Фердинант Маркос Џуниор, кој победи на изборите во мај. Во Филипини претседателите се уставно ограничени на еден претседателски мандат.

Раплер информираа дека немаат намера да затворат и дека ќе се обидат да ја оспорат оваа одлука пред суд.

„Ќе продолжиме да работиме вообичаено. Ќе ги почитуваме правните процедури и ќе продолжиме да се бориме за нашите права. Нема да отстапиме“, изјави нобеловката Реса пред новинарите.

Според неа оваа одлука дошла по целосно несоодветни процедури и додала дека медиумот не може повеќе да се надева на владеењето на правото.

Според филипинските медиумски регулатори, одлучено е да се одземе лиценцата на Раплер поради тоа што нивниот модел на финансирање не бил уставен. Регулаторното тело првично одлучи да се одземе лиценцата на сајтот во 2018 бидејќи сајтот бил продаден на странска компанија, што, според нив, претставува прекршување на рестрикциите за странско сопствеништво во филипинските медиуми.

Раплер оттогаш се бори против оваа одлука, тврдејќи дека финансирањето од американски инвеститор не претставува прекршување на законот.

Во 2015 година Раплер добил средства од Мрежата Омијдар, филантропска инвестициска фирма покрената од Пјер Омијдар, кој е основач на ИБеј. Сепак медиумот отфрлаше дека е под странска контрола.

Реса вчера посочи дека оваа одлука е последна од кампањата која трае шест години поради нивното критичко новинарско известување.

„Бевме малтретирани, ова е закана, се работи за политичка стратегија и ние одбиваме да им се покориме“, изјави нобеловката.

Раплер објавуваше бројни содржини за смртоносната „војна против дрогата“ на претседателот Дуерте, како и критики за мизогинијата, кршењето на човековите права и корупцијата во земјата.

Реса минатата година ја доби Нобеловата награда за мир за нејзината работа на сајтот. Таа тогаш беше пофалена дека ја користела слободата на говорот за да разоткрие злоупотреба на власта, користење на насилство и растечкиот авторитаризам во Филипини.