Концерт на хорот „Про Арс“ и женскиот младински хор при МКЦ

Хорот „Про Арс“ и женскиот младински хор при МКЦ, во среда (13 април), ќе одржат заеднички концерт во фоајето на МОБ.

На програмата се дела на композиторите Маријана Јаневска, Никола Коларовски, Јана Андреевска, Теа Богатинова, Панде Шахов, наградени на Конкурсот за нови музички дела на Министерството за култура на РМ во 2014 и 2015 година. Исто така се најавени и неколку праизведби на дела од Јане Коџабашија, Томе Манчев, Стојан Стојков и повеќепати изведуваните Ристо Аврамовски и Властимир Николовски.

Почетокот на концертот е најавен во 20 часот, а влезот е слободен.

Професионалниот мешан хор „Про Арс“ е формиран од диригентот Сашо Татарчевски во 2011 година. Предностите на хорот станаа видливи уште првата година од неговата активност, кога беше покажан висок квалитет на изведбите, мобилност и можност за изведба на широк репертоар со различна жанровска определба. Посебен акцент и посветеност се дава на веќе постоечкото македонско хорско творештво, но и на поттикнувањето на младите автори за пишување нова хорска музика. Членовите на професионалниот хор Про Арс се млади, мотивирани, вокално образувани хорски уметници, комплетно подготвени за ефективна и професионална работа.

Од своето формирање во 1972 па сé до денес, Женскиот младински хор е една од најпрепознатливите карактеристики на Младинскиот културен центар од Скопје. Има огромен и разновиден репертоар со што овој ансамбл покажа дека и аматерски пејачи можат да постигнат високо-професионални резултати.
Освен редовните концерти во Скопје, хорот учествува во разни проекти соработувајќи со други ансамбли и млади композитори.  Во изминатите 44 години хорот освоил многу награди и признанија на домашни и меѓународни натпревари и фестивали, промовирајќи се во вистински културен амбасадор на Република Македонија. 

Сашо Татарчевски дипломира и магистрира на ФМУ Скопје, а посетува и мајсторски курсеви кај познати диригенти во Њујорк, Рим, Москва, Берлин, Фиренца, Сартеано и Санкт Петерсбург. Има настапувано со голем број ансамбли вклучувајќи ги Камерниот оркестар на Битола, Македонската филхармонија, Оркестарот на МОБ, Симфонискиот оркестар на ИКО од Рим, Оркестарот на Ермитаж од Санкт Петерсбург, Симфонискиот оркестар на ФМУ, Битолската опера, ансамблите за современа музика „Алеа“ и „КонТемпора“, „Солисти на ФМУ“ и други камерни и симфониски состави. Во моментов работи како професор по група предмети од областа на диригирањето на ФМУ-Скопје, уметнички раководител на професионалниот хор “Про Арс“ и диригент на Женскиот младински хор при МКЦ. Член е на неколку жири комисии на интернационални хорски натпревари, како и раководител на Mеѓународниот хорски форум во Струга.

Проектот е финансиски поддржан од Младинскиот културен центар од Скопје и МОБ.