Со совети како да се постапи во случај на исчезнато дете, почнува кампањата на Амбер Алерт Европа

По повод Меѓународниот ден на исчезнати деца, Амбер Алерт Европа почнува со кампањата „Проверете. Размислете. Пријавете“ која ќе биде активна во 16 држави на 14 јазици.

Иницијативата, која ги содржи најосновните чекори кои треба да се следат во случај на исчезнато дете, ќе биде насочена кон родителите и негувателите.

Како што информираат од Министерството за Внатрешни работи (МВР), на почетокот на 2024 година потпишале Меморандум за разбирање со Фондацијата Амбер Алерт Европа и со тоа Македонија е дел од кампањата и од системот за случаи поврзани со исчезнати деца.

Кампањата ќе почне од министерствата за внатрешни работи, националните полиции и водечките непрофитни организации посветени на заштита на децата во сите 16 земји.

Името на кампањата го дефинира нејзиниот основен совет: „Проверете“ за да го потврдите отсуството на детето. „Размислете“ за да се потсетите на најважните детали и да ја процените ситуацијата и „Пријавете“ за да ги алармирате надлежните итно.

„Секоја година, 300.000 деца исчезнуваат во Европа. Кампањата „Проверете. Размислете. Пријавете“ е клучна пресвртница во нашите постојани напори да ги заштитиме децата и да ги поддржиме семејствата во време на такви кризни ситуации. Нашата цел е да го подобриме времето на реакција и да ги зголемиме шансите за безбедно и брзо повторно обединување на исчезнатите деца со нивните сакани и најблиски,“ изјави Френк Хоен, претседател и основач на Амбер Алерт Европа. 

Кампањата „Проверете. Размислете. Пријавате“ ќе биде споделена во Албанија, Австрија, Белгија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Чешката Република, Италија, Литванија, Малта, Холандија, Република Северна Македонија, Полска, Португалија, Словенија, Шпанија и Обединетото Кралство.

Повеќе информации за кампањата и совети за реагирање во случај на исчезнато дете може да најдете тука.

Амбер Алерт Европа,  Европски центар за исчезнати деца е фондација која се стреми да ја унапреди заштитата на исчезнати деца и да превенира исчезнување на деца преку нивна едукација и создавање свест за темата на исчезнати деца и основните причини за нивно исчезнување. Амбер Алерт Европа поврзува експерти од над 45 владини организации, попрецизно министерства за внатрешни работи и полиции и невладини организации од 28 земји со крајна мисија нула исчезнати деца во Европа.