Јавното претпријатие „Комунална хигиена“ ги демантира тврдењата дека во пресрет на почетокот на Супер купот на УЕФА ќе се спроведе масовно убивање на бездомни кучиња во центарот на Скопје.
„Би сакале да ве информираме дека Градот Скопје од 2007-та година го спроведува Проектот за третман на бездомните кучиња според принципите за хуман третман на животните, имплементирајќи ја програмата наречена ‘Залови, стерилизирај, врати’ (‘Catch, neuter, release’), осмислена од Светската асоцијација за заштита на животни (WSPA) и Кралското здружение за заштита на животните на Велика Британија (RSPCA). Програмата е поддржана од Светската здравствена организација (WHO) и одобрена од Советот на Градот Скопје, а се имплементира во стационарот за бездомни животни ‘Вардариште’“, соопштуваат од „Комунална хигиена“.
Во согласност со оваа Програма, велат тие, бездомните кучиња се заловуваат од специјализирана, обучена и опремена Служба за хуман третман и контрола, по што се транспортираат во стационарот „Вардариште“.
Истовремено, потенцираат дека секое заловено куче го прегледува екипа од ветеринарни доктори коишто проценуваат дали животните се здрави и дали со своето однесување претставуваат опасност за безбедноста на граѓаните.
„Само заболените, премногу старите, како и прекумерно агресивните кучиња се подложуваат на еутаназија, додека здравите животни се стерилизираат, прочистуваат од внатрешни и надворешни паразити и се вакцинираат против беснило. Доколку не бидат вдомени за време на престојот во Стационарот, тие се одбележуваат со ушна маркичка и се враќаат на локацијата од којашто биле заловени. Во однос на спроведувањето на Програмата за хуман третман на животните и потребните хигиенско-технички стандарди, Стационарот е под инспекциски надзор на Агенцијата за храна и ветерина на РМ“, стои во реакцијата на „Комунална хигиена“.
Инаку, ваквата реакција доаѓа откако Здружението „Анима Мунди“ се обратија до Град Скопје и сите надлежни институции барајќи да излезат пред медиумите и јавноста со изјава и итно да се отповика со како што велат „налудничавата хајка“ – масовно заловување и убивање на бездомните кучиња во пресрет на Супер купот на УЕФА на 8 август. Во спротивно, најавија протест за време на фудбалскиот настан.