Анима Мунди до Трајановски: Да запре масовното заловување и убивање на бездомни кучиња пред Супер купот

Здружението за заштита на правата на животните Анима Мунди тврди дека стационарот Вардариште започнува со масовно заловување и убивање на бездомните кучиња во центарот на Скопје во пресрет на фудбалскиот меч од Суперкупот на УЕФА, кој ќе се одигра на 8 август.

Тие се обратија до Град Скопје и сите надлежни институции барајќи да излезат пред медиумите и јавноста со изјава и итно да се отповика со како што велат „налудничавата хајка“ врз бездомните кучиња. Во спротивно, најавуваат протест за време на фудбалскиот настан. 

„Се обраќаме до Град Скопје и сите надлежни институции и бараме Очекуваме поддршка и заложба од Владата на РМ, преку Агенцијата за Храна и Ветеринарство, во поглед на ова наше барање, особено поради фактот што програмите за хумано третирање на бездомните животни беа разговарани и имплементирани во предизборните програми на дел од партиите на власт.

Ве предупредуваме дека нема да дозволиме вашата децениска незаинтересираност за овој проблем и негово игнорирање, да го решавате со сурово- крвави ад-хок решенија по потреба, кои не само што нема да го решат проблемот, туку само ќе го продлабочат на подолги стази. Срамно е што сега сте загрижени за безбедноста на туристите, а со години наназад не се грижите за безбедноста на граѓаните и го игнорирате проблемот со бездомната популација на кучиња, за кој континуирано посочуваме и даваме препораки како трајно да се реши.

Ниту бројните спортските навивачи, ниту бројните најавени туристи и ниту граѓаните на Скопје, не одобруваат убивање на кучиња и средновековни крвави и нехумани методи. Скопје веќе подолго време е домаќин на голем број туристи, кои со благонаклоност и пофалби гледале на програмата на Градо Скопје- Залови, стерилизирај, врати на улица и на жолтите ушни маркици.

Немојте да дозволите за Македонија низ светот да се пишува како за Романија и Украина, т.е. како за примитивна земја каде бездомните кучиња се убиваат по потреба, без интерес за примена на цивилизирана законска регулатива и законски обврски за благосостојба на животните, незаинтересирана за долгорочно решавање на проблемите со бездомната кучешка популација“, се вели во реакцијата на Анима Мунди.

Во меѓувреме, ги замолуваат граѓаните секојпат кога ќе бидат сведоци на заловување на кучиња да го снимаат и документираат заловувањето со мобилни телефони, а снимките да им ги испратат, како и да ги информираат доколку ги забележат движењата на комбињата на Стационарот Вардариште.