Книжевен разговор со Јулијана Величковска, авторка на „Годишни времиња“ во „Браќа Миладиновци“

Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ во Скопје во вторник (7 март) организира книжевен разговор со Јулијана Величковска, авторка на „Годишни времиња“ која е книга на месецот во библиотеката.

Книжевната средба ќе започне во 19:00 часот во Спомен собата „Т’га за југ“, а разговорот ќе го води книжевната критичарка Александра Јуруковска, а фрагменти од делото ќе чита актерката Ива Милчова.

„’Годишни времиња’ е кусо, но интензивно патување низ времето низ седумдесетина приказни од секојдневието, низ само навидум едноставни и банални нешта. Раскажувањето е едноставно, разбирливо, на одредени места прозата поминува во поезија, па и во музика. Јазикот е едноставен, секојдневен што го прави ‘Годишни времиња’ разбирлив за сите генерации“, пишуваат од библиотеката.

Се работи за првиот роман на Величковска, кој е објавен во 2014 година, а досега доживеал четири изданија. Во 2017 година, книгата е издадена и на бугарски јазик во превод на Поли Муканова.

„Годишни времиња“, информираат од библиотеката, ќе биде тема и на Клубот на читатели на 25 март.

Јулијана Величковска дипломирала на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Основач е на издавачката куќа „ПНВ Публикации“ од Скопје, коосновач и директор е на „Скопскиот поетски фестивал“ и програмски директор на „Поетска ноќ во Велестово“, Охрид. Член е на Друштвото на писателите на Македонија. Таа е автор на неколку стихозбирки и книга за деца.

Разговорот со Величковска е дел од кампањата на библиотеката #ЧитамеСовремениМакедонскиАвтори што има за цел  да ги доближи делата од современите домашни автори до што повеќе читатели.