„Дисомнии“ од Игор Станојоски е „Книга на месецот“ во Градска библиотека „Браќа Миладиновци“

„Книга на месецот“ за ноември во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ е романот „Дисомнии“ од македонскиот автор Игор Станојоски.

„Книга на месецот“ е дел од библиотечната кампања „Читаме современи македонски автори“, која предвидува разговор со автори и читање на нивни дела, а во која секој месец е посветен на една книга и нејзиниот автор.

Библиотеката ја започна кампањата во септември, кога „Книга на месецот“ беше „Сфинга на гневот“ од писателот Жарко Кујунџиски, додека во октомври „Книга на месецот“ беше „Девет приказни за госпоѓица Сит “, од Билјана С. Црвенковска.

Од „Браќа Миладиновци“ известуваат дека во понеделник, на 7 октомври, во спомен-собата „Т’га за југ“ во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ во Скопје, во 19 часот ќе се одржи разговор со Игор Станојоски.

Разговорот ќе го води книжевната критичарка и новинарка Александра Јуруковска, а фрагменти од „Диссомнии“ ќе чита актерот Андреј Серафимовски.

„Последната сабота од месецот е резервирана за Клубот на читатели и истото дело. ‘Диссомнии’ е едно од најкоментираните македонски дела омани во последните неколку години, добитник на Рациновото признание за 2018 година. Романот досега има три изданија во Македонија, а издаден е и на босански јазик од издавачката куќа Бајбук, во превод на Сеида Бегановиќ“, велат од „Браќа Миладиновци“.

Игор Станојоски е македонски лингвист и романсиер. Роден е во Копенхаген во 1979 година. Дипломирал на Филолошкиот факултет во Скопје. Работел на универзитетите во Лавов (Украина), Катовице (Полска), Брно (Чешка). Докторирал на Институтот за словенска филологија во Сосновјец (Полска). Во моментов работи како вонреден професор на Филолошкиот факултет во Штип. Автор и на дваесетина преводи на романи од рускиот, чешкиот, словачкиот и украинскиот јазик, како и на два препеви на стихозбирки. Автор е на романите Гаргара (2014), Првиот универзитетски ден на мојата ќерка (2016) и Диссомнии (2017).