„Чествување на Ацо Шопов“ – вторник во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“

На 13 декември (вторник) во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ – Скопје, со почеток во 12 часот ќе се одржи чествување на Ацо Шопов. Повод за настанот е 40 години од неговата смрт.

Од градската библиотека велат дека за великанот на современата македонска поезија ќе зборуваат д-р Веле Смилевски и д-р Марина Мијаковска. Исто така, настанот ќе го води и воведен збор ќе има Братислав Ташковски, а стихови од Шопов ќе интерпретира актерот Андреј Серафимовски.

Ацо Шопов е еден од основачите на современата македонска поезија. Роден е во Штип на 20 декември 1923 година. Бил уредник на литературните списанија „Иднина“, „Нов ден“, „Современост“, директор и главен и одговорен уредник на издавачката куќа „Кочо Рацин“. Бил активен учесник во Народно ослободителната војна, претседател на ДПМ, претседател на Советот на СВП, претседател на Републичката комисија за културни врски со странство. Бил амбасадор во Сенегал, член на МАНУ, член на Македонскиот ПЕН центар и член на ДПМ од неговото основање.

Шопов е автор на првата повоена книга објавена на македонски јазик во слободна Македонија „Песни“ во 1944 година. Неговото огромно творештво опфаќа 15 првообјавени книги поезија, 17 поетски избори на македонски јазик и 21 поетски избори на странски јазици. Добитник е на 9 книжевни и општествени награди.