Кино на отворено и музичка забава вечерва во градскиот парк во Скопје

Со цел збогатување на културната понуда на Град Скопје, а во рамки на кандидатурата за Скопје – Европска престолнина на културата 2028 година, вечерва во градскиот парк ќе се одржи филмско-музички настан.

Со почеток во 20:30 часот, кај езерцето во паркот ќе се одржи проекција на филмот „Хомо“ во режија на Игор Иванов, а потоа следува и настап на Мирко Попов од 22 часот и сет на Виолета Качакова од 23:30 часот.

„Ова филмско-музичко дружење за првпат се одржа минатата сабота во организација на Град Скопје, МКЦ и Универзална сала, а по повод Меѓународниот ден на младите и ќе продолжи да се организира секоја сабота до средината на септември. Посетителите ќе имаат одлична можност за дружење на отворено и забава во топлите летни вечери во омилената дестинација за скопјани, Градскиот парк“, велат од Град Скопје.