„Како Скопје 2014 ги изеде урбаните заеднички добра“ – дискусија и проекција на видео во кино Култура

„Како Скопје 2014 ги изеде урбаните заеднички добра“ е темата на која утревечер, со почеток во 20 часот ќе се дискутира во кино Култура, со учество на архитекти, активисти и новинари кои пишувале за најконтроверзниот проект на власта. Организаторите на настанот, невладината организација „Плоштад Слобода“, информираат дека панел дискусијата ќе започне со промоција на краток филм на истата тема, направен во соработка со Heinrich-Böll-Stiftung.

„Филмот има намена кратко и кондензирано да ја раскаже приказната за влијанието на Скопје 2014 врз реалното Скопје, но, за жал, бидејќи е пишуван пред 9 месеци, сумите што ќе ги чуеме во него, денес се многу поголеми“, пишува во најавата за настанот.

Во дискусијата ќе учествуваат архитектите Ана Ивановска и Мирослав Грчев, новинарите Мери Јордановска и Петрит Сарачини, Валентина Поцеска од Центарот за култура и културолошки студии и активистот Славчо Димитров. Модератори се Ивана Драгшиќ и Никола Наумоски.

Што мислат архитектите дека треба да се направи? Какви им се ставовите за рушење? Што доколку сето тоа остане вака како што е? Ова се дел од прашањата кои ќе бидат опфатени со дискусијата, во која како што посочуваат организаторите, граѓаните можат активно да се вклучат.