Изложба на Стефан Димовски во Галерија КО-РА

Друштвото на ликовни уметници на Македонија ја најави петтата самостојна изложба на Стефан Димовски која ќе се отвори во вторник, во 20 часот, во галерискиот простор Галерија „КО-РА“.

На изложбата авторот ќе претстави со 40-тина дела во комбинирана техника. Изложбата претставува еден експериментален приказ на можностите на акварелот како техника да се комбинира со други медиуми како акрилик, колаж, пастел, сепија, пигменти и останати медиуми. Примарниот акцент е даден на акварелот, но во одредени сегменти и кај одредени дела доминира колажот, или пак само суптилно се надоврзува акриликот. Повеќето од делата се работени во 2017 година, но присутни се и дела од последните неколку години кои го прикажуваат континуитетот, а воедно и укажуваат на еволуцијата во творештвото.

Димовски е роден 1983 во Скопје, во уметничко семејство. Сериозно започнува да се занимава со акварел во 1995. Долгогодишниот престој во Франција му увозможува да воспостави контакти со познати акварелисти, и да ја усоврши акварелната техника до перфекција. Досега има учествувано на повеќе групни изложби во Сан Рафаел, а исто така своите дела ги изложувал во повеќе галерии на југот на Франција. Во 2010/2011 година дел од неговите акварели се селектирани во 11-тото издание на Интернационалниот каталог за модерна уметност (Италија, Рим). Во 2011 добива награда за акварел во конкуренција на 60 сликари и акварелисти на 12 саем за сликари и акварелисти во Сан Рафаел, Франција.