Изложба на јапонски кукли во Археолошкиот музеј

Патувачката изложба на јапонски кукли „Нингјо“ се отвора денес (13 март) во Археолошкиот музеј во Скопје.

Станува збор за сеопфатен вовед за јапонските кукли, од Каташиро и Амагацу, кои се сметаат за архетипови на јапонски кукли, до локални кукли кои ја рефлектираат климата и анегдотите од целата земја, како и кукли играчки од денешницата кои се ценети низ целиот свет.

„Нингјо значи кукла или човечки облик на јапонски и културата за кукли која се негува низ годините во Јапонија ќе биде претставена со внимателно избрани 67 кукли поделени во 4 категории: ‘Нингјо за молитва на детскиот развој’, ‘Нингјо уметност’, ‘Нингјо фолклор’ и ‘Ширењето на нингјо културата’“, се вели во најавата за изложбата.

Со оваа изложба Амбасадата на Јапонија и Археолошкиот музеј ќе ја прослават 30 годишнината од воспоставувањето на билатералните односи помеѓу Јапонија и Северна Македонија.

Влезот за изложбата е слободен.