Отворање на изложбата „Сребрена Тракија“ во Археолошкиот музеј

Изложбата „Сребрена Тракија“ утре (14 ноември) ќе биде отворена во Археолошкиот музеј на Република Северна Македонија во Скопје. Станува збор за прво целосно претставување на тракиската култура во нашата држава.

Поставката покрај археолошки предмети од Националниот археолошки институт со музеј при БАН – Софија, содржи и наоди од 17 историски и регионални музеи во Бугарија.

„Изложбата, која го содржи и Тракиското сребро, познато во археолошкиот свет поради својата уникатност и извонредна уметничка изработка, досега била претставена во повеќе музејски центри во Европа и во светот, а поставката, која се изложува во Скопје, претставува најкомплексна и најобемна презентација на наодите кои ја претставуваат тракиската култура и цивилизација“, се вели во соопштението од Министерството за култура.

Со свој поздравен говор изложбата ќе ја отвори министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, која е покровител на изложбата. Свои обраќања ќе имаат и претседателите на македонското и на бугарското Собрание, Талат Џафери и Росен Димитров Жељазков, министерот за култура на Бугарија, Крастју Крастев, како и директорите на двете музејски институции кои се организатори на изложбата, Славица Бабамова и Христо Попов.