„Панта реи“ – изложба на уметникот Бојан Ковски

„Панта реи“, изложбата на академскиот сликар Бојан Ковски, ќе биде отворена на 13 декември во  Археолошкиот музеј на Р.С. Македонија. Со почеток во 19 часот, таа ќе достапна за посетителите до 21 декември.

На изложбата ќе бидат претставени 12 дела, изработени во техниката масло на платно, а инспирани од водата како главен извор на живот.

Во претстојната изложба, се разработува формата на човечкото тело и природата, кои претставуваат константен тек и перцепција на човечката визуелизација“, вели Ковски.

Во својот кураторски текс, Анжелика Апсис посочува дека преку својот втор циклус, уметникот ги отвара вратите од неговиот свет, каде сè се движи, сè се менува.

„Сложена е и специфична е структурата на овие уметнички дела во нивниот целосен изглед. Тој ја одбира водата како еден од четирите основни елементи на планетата Земја. Водата, иако е една од најпроучуваните супстанции, таа сепак е најмалку разбрана“, додава таа.

Бојан Ковски е академски сликар, кој своите студии ги има завршено на Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, генерација 2011-2015, под менторство на Антони Мазневски. Во своето портфолио тој има неколку самостојни, групни изложби и перформанси. Во неговите дела се изразува со слики масло на платно, како и „body paint“ перформанси.