Самостојна изложба на македонската уметница Ивана Настески во Белград

Македонската уметница Ивана Настески ќе има самостојна изложба во галеријата „Диварт“ во Белград. На изложбата што ќе се отвори утре (6 септември) ќе бидат изложени 18 уметнички дела од сликарката.

Во најавата за изложбата пишува дека акварелите кои ќе бидат изложени претставуваа циклус на тематска целина во која се обработени пејзажи од родниот крај, односно Шар Планина и Охрид, од градот, езерото и брегот.

„Акварелите на Ивана, без разлика дали уметницата се занимава со мотиви од одредена планина или подеднакво впечатливо со убавината на езерското око, секогаш во себе го носат препознатливото присуство на познатиот антички поим – ‘агон’ што означува средба и борба, но не само со надворешен противник, туку и со оној кој сите го носиме во себе и кој нè поттикнува да не се откажуваме и да се бориме за подобро јас“, пишува ликовната критичарка Весна Тодоровиќ во текстот од каталогот за изложбата.

Изложбата ќе биде отворена до 16 септември.

Ивана Настески има дипломирано на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, на отсекот графика. Таа магистрирала на истиот факултет на отсекот Графика и графичка техника. Досега има изложувано свои дела на повеќе групни и самостојни изложби во земјава и странство. Добитник е на повеќе награди, меѓу кои и „Гранд При“ за графика од Друштвото на ликовни уметници на Македонија.