Изготвување протокол за користење на читалните бараат од Универзитетското студентско собрание на УКИМ

Универзитетското студентско собрание на УКИМ (УСС-УКИМ) до Владата, Министерството за образование и до Комисијата за заразни болести испратило барање за изготвување протокол за користење на читалните, објавија на нивната Фејсбук страница.

Од УСС потенцираат дека читалните се потребни за студентите да продолжат да функционираат прилагодувајќи се на новонастанатите услови.

„Институциите треба да препознаат дека читалните се есенцијална компонента во процесот на учење и надоградување на студентите. Со изработка на здравствени протоколи и одговорно однесување на студентите, здравјето и безбедноста нема да бидат загрозени ниту на корисниците, ниту на вработените“, стои во нивното соопштение.

Оттаму додаваат дека голем дел од студентите немаат услови да се посветат на учењето и подготвувањето испити во својот дом или престојувалиште. Потенцираат дека отворени читални значат и еднаква можност за студентите да не заостануваат во учењето во однос на своите врсници.

„Преку 10.000 студенти од 23 факултети на УКИМ полагаа во јунската испитна сесија во три декади според сите здравствени протоколи почитувајќи ги сите препораки од здравствените власти. Покажавме дека студентите се одговорни, а тоа го докажаа статистиките на заболени каде што не беше потврден ниту еден заразен за време на полагањето“, објаснуваат оттаму.

Од надлежните институции, УСС очекува позитивен одговор и брза реакција, додавајќи дека образованието мора да биде еднакво достапно за сите и во вонредни околности.

https://www.facebook.com/ussukim/posts/164585105161414