[Фото] Тимот „Печалбари“ победи на Националното дебатно првенство 2024

Тимот „Печалбари“ составен од Ангела Мијаковска, Невена Трајкоска и Берина Вуисланин победи на овогодишното Национално дебатно првенство во организација на Младинскиот образовен форум (МОФ).

Оваа година беа прогласени и 10 најдобри говорници, а првите три места припаднаа на Ангела Мијаковска, Невена Трајкоска и Максим Јосевски.

Дебатното првенство се одржа во просториите на средното скопско училиште „Никола Карев“ и универзитетот „Еуропа Прима“ од 17 до 19 мај, на кој учествуваа 50 тима од целата држава и аргументирано се изразуваа, критички размислуваа и јавно говореа во трка за титулата.

„Дебатерите, подготвени со знаењa и аргументи за новинарство, вештачка интелигенција и медиумска писменост, во улога на афирмациски или негациски говорници, неуморно и храбро дебатираа на тезите – ‘Овој Дом претпочита целосно генеративен модел на вештачка интелигенција како главен извор на вести наместо новинари’ и ‘Овој дом би одбрал да живее во држава со задолжителна кариерна евалуација, наместо држава каде секој сам ja одбира својата кариера’“, посочија од МОФ.

Дебатирањето се одвиваше во „World Schools“ форматот.

Финалната дебата од турнирот може да се погледне на следниов ЛИНК.

Како што посочија од МОФ, ова беше 154. дебатен турнир во нивна организација во последните 25 години, а е организиран во рамки на проектот на USAID North Macedonia за медиумска писменост Media Literacy Project YouThink.