Ќе се отстрануваат реквизитите за забавниот парк кај СЦ „Борис Трајковски“, најави МВР

Ќе се отстрануваат реквизитите за забавниот парк, меѓу кои и панорамско тркало кои неодамна почнаа да се поставуваат пред спортскиот центар „Борис Трајковски“, најави денеска Министерството за внатрешни работи.

Ваквата најава следува откако Град Скопје претходно соопшти дека фирмата Дизниленд Реквизити од Чаир, регистрирана пред само еден месец, без соодветни документи и дозволи и без потребна документација која гарантира безбедност, монтира панорамско тркало и останати реквизити.

Од МВР посочија дека постапувајќи по допрен глас излегле на лице место и преземале конкретни соодветни мерки и активности од својата надлежност и овластувања.

„Од страна на инспекциските служби по преземените мерки и активности и констатираната фактичка состојба изготвени се Записници за констатирана состојба додека од страна на овластен градежен инспектор од Општина Карпош поведена е постапка за констатираните неправилности, по што ќе бидат преземени конкретни мерки во насока на отстранување на истите, престанување со вршење на активноста, како и дислоцирање на реквизитите“, соопштија од МВР.

Град Скопје за случајот алармираше во саботата и посочија дека преземале мерки и го казниле правното лице, но додадоа дека тој сепак продолжувал да работи. Истовремено, тогаш ги повикаа надлежните институции и апелираа во најкус можен рок да постапат.

Сопственикот на фирмата во изјава за ТВ24 претходно истакна дека ги поседува потребните документи од Град Скопје и од Општина Карпош, како и дека местото на кое се поставуваат реквизитите е приватно, со договор за закуп. Дополнително, тој истакна и дека неговата фирма поседува атест за реквизитите.

Но, од Општина Карпош денеска демантираа дека е издадено било какво одобрение за негово функционирање, додавајќи дека општината воопшто нема надлежност за издавање на вакви одобренија.

„Очигледно се работи за насилник за кого законските процедури не важат, па според тоа надлежните државни институции треба најостро да го санкционираат, имајќи во предвид дека ги нема потребните одобренија да ја врши оваа дејност на предметната локација. Доколку некој врши дејност без потребни согласности од надлежни локални или државни институции и без соодветна техничка документација, забрана за вршење на дејноста изрекува државниот пазарен инспекторат. Бидејќи во текот на вчерашниот дел на лице место покрај нашиот градежен инспектор беа и инспектори од МВР, УЈП и Пазарен инспекторат, општината бара тие да ги искористат своите законски овластувања и да се затвори овој случај“, истакнаа од општината.

Мартин Колоски