Личните карти чиј рок не е истечен ќе продолжат да важат и по 12 февруари, соопшти МВР

Личните карти чиј рок не е истечен ќе продолжат да важат и по 12 февруари, соопшти Министерството за внатрешни работи (МВР).

Оттаму укажуваат дека како ресорно министерство надлежно за издавање на лични документи, Законот за личната карта не е изменет.

„За таа цел, ги информираме граѓаните на Република Северна Македонија, дека личните карти со називот на државата ‘Република Македонија’ кои имаат важност, односно чиј рок не е истечен, продолжуваат да важат и по 12 февруари 2024 година“, посочија од МВР.

Инаку, согласно Преспанскиот договор, крајниот рок до кога сите лични документи и патни исправи на граѓаните треба да бидат заменети со новото име на државата е 12 февруари.

Изминатиот период, обврската за менување на личните документи предизвика огромен метеж на пунктовите за фотографирање и за издавање на документите во Скопје.