Околу 1.000 лица дневно можат да ја поминат процедурата за промена на лични документи во пунктот без закажување, вели Спасовски

Околу 1.000 лица за период од еден работен ден можат да ја поминат процедурата за промена на лични документи во пунктот без закажување во Скопје, вели министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. Пунктот е лоциран во салата на сообраќајна полиција во рамки на Полициската станица „Пролет” во населбата Кисела Вода.

При посетата на пунктот, министерот посочи дека периодов се инсталирани 10 нови работни станици каде граѓаните ќе можат да се сликаат за документите. Работното време на пунктот е од 8 до 18 часот, со можност за продолжување до 20 часот.  Како што посочи Спасовски, на 13 и 14 ноември, пред официјалното пуштање во употреба на новиот пункт за прием на барања без закажан термин, биле примени околу 1000 барања.

фото: Министерство за внатрешни работи

„Од денеска и официјално го отпочнуваме процесот на фотографирање за лични документи на граѓаните од Скопје, без претходно закажување на редовната постапка, со цел во определениот законски рок, до 12 февруари 2024 година, граѓаните да ја направат промената на личните документи со Република Северна Македонија, задолжителна обврска која што произлезе од Преспанскиот договор потпишан со Грција”, рече Спасовски.

Како што посочи министерот за внатрешни работи, околу 80% од граѓаните од другите делови на земјата имаат направено промена на документите со новото уставно име.

„Причина за отворање на овој нов пункт беше бројноста на населението во Скопје, како и фактот дека околу 70% од закажаните термини кои што ги имаат граѓаните резервирано преку телефонскиот број – ги откажуваат, не се појавуваат на тие термини, се презакажуваат нови термини, што создаде одлагање на целиот процес. Затоа, ние како раководство на МВР одлучивме да излеземе во пресрет на граѓаните, да создадеме можност за започнување на процедурата без закажување на редовната постапка, туку со лично појавување во салата по принципот ‘прв дојден прв услужен’”, рече Спасовски.

фото: Министерство за внатрешни работи

Досега, заменети се 1.050.000 патни исправи, 900.000 лични карти и 480.000 возачки дозволи.