Италија со закон ќе ја забрани употребата на англиски зборови во јавно говорење

Италијанците кои ќе користат англиски или други странски зборови во формална комуникација може да се соочат со казни и до 100.000 евра, стои во новиот предлог-закон што го претстави пратијата на премиерката Џорџија Мелони.

Иако со Законот предвидува забрана за употреба на интернационализми од повеќе јазици, примарниот фокус е на т.н „Англоманија“ или употреба на англиски зборови што во нацрт законот се оценети со зборовите дека го „понижуваат и повредуваат“ италијанскиот јазик, особено зашто, како што се вели, Обединетото Кралство повеќе не е дел од Европската Унија.

Покрај тоа, во предлогот се додава дека секој што има функција во јавната администрација да има усовршено ниво на владеење на јазикот и писмено и усно. Исто така, се забранува и употребата на англискиот јазик и во официјални документи, вклучувајќи и акроними и имиња на работни позиции во странските компании кои се наоѓаат во Италија.

„Тоа не е само мода, затоа што модата поминува, туку англоманијата има реперкусии за целото општество“, пишува во верзијата на законот што ја виделе новинарите на „Си-Ен-Ен“.

Во првиот член на законот се гарантира дека дури и во канцелариите каде работат странци кои не го говорат италијанскиот јазик, тој мора да биде прв и примарен јазик за употреба.

Во вториот член стои дека италијанскиот јазик ќе стане задолжителен за употреба при промоција на јавни добра и услуги на националната територија. Во спротивно, прекршувачите би можеле да се соочат со парични казни од 5.000 до 100.000 евра.