Македонскиот филм „Преекспонирано“ ќе се натпреварува на филмскиот фестивал КинЕст во Катанија

Македонскиот филм „Преекспонирано“ на Елеонора Венинова ќе се натпреварува во официјалната главна селекција на филмскиот фестивал КинЕст фест 2023 кој ќе се одржи во Катанија, Италија, соопшти „ДНФ филмс“. Ова е трето издание на фестивалот кој е фокусиран на кинематографијата на Источна и Централна Европа, а ќе трае од 5 април до 30 мај.

Премиерата на „Преекспонирано“ на фестивалот ќе се одржи на 7 и 8 мај, а режисерката Елеонора Венинова ќе одржи и работилница.

„Светската премиера на филмот ‘Преекспонирано’ се случи на А фестивал во официјална конкуренција на Меѓународниот филмски фестивал во Каиро, кој се одржа од 13 до 22 ноември, минатата година. Азиската премиера, пак, се одржа на Меѓународниот филмски фестивал во Пуне, Индија од 2 до 9 февруари оваа година. Во тек се интензивни подготовки и за премиера пред домашната публика“, соопштија од „ДНФ филмс“.

Улогите во филмот ги толкуваат Камка Тоциновски, Благој Веселинов, Сара Климоска и Марјан Наумов, кинематографер е Лев Предан Коварски, музиката е на Линдзи Рајт, сценографијата на Срѓан Митровиќ, а сценариото Елеонора Венинов. Филмот е поддржан од Агенција за филм, Српски филмски центар и Еуримаж.