Искуството со претходните епидемии му помогна на Тајван да постигне 200 дена без локални случаи на коронавирус

Додека многу земји низ светот достигнуваат нови високи нивоа на случаи со коронавирус, Тајван постигна поинаков вид на рекорд – 200 дена без локално пренесен случај. Во оваа држава, од 12 април до денес немало втор бран.

Овој остров со 23 милиони луѓе имаше 550 потврдени случаи, со само седум смртни случаи.

Експертите велат дека раното затворање на границите и строгото регулирање на патувањето долгорочно придонеле во борбата против вирусот. Другите фактори вклучуваат ригорозно следење на контактите, карантин и универзално носење маска. Покрај ова, смртоносното искуство на Тајван со САРС ги исплаши луѓето.

„Тајван е единствената голема земја што досега беше во можност да го отстрани пренесувањето на Ковид во заедницата“, рече Питер Колињон, лекар за инфекции и професор на Медицинскиот факултет на Австралискиот национален универзитет.

Според него, Тајван „веројатно го имаше најдобриот резултат низ целиот свет“, па дури и во однос на економијата.

Сепак, Тајван сè уште не е целосно изолиран бидејќи во изминатите две недели забележа 20 увезени случаи, претежно од земјите од Југоисточна Азија, како Филипини и Индонезија. И други кои првично се бореа против вирусот, како Сингапур и Јапонија, потоа имаа скокови во случаите.

Она што земјите со зголемени инфекции можат да го искористат како искуство од Тајван е строгото следење на контактите на оние кои биле позитивни на тестот, а потоа карантинот. Исто така, бидејќи не е лесно да се натераат луѓето да останат во карантин, Тајван презеде чекори за да обезбеди достава на оброци и намирници, па дури и пријателски контакт преку Line Bot, робот што испраќа пораки и разговори. Понатаму, постои и казна – оние кои ќе го прекинат карантинот, мора да платат до 35.000 американски долари.

Тајван од март е затворен за луѓе од странство и оттогаш држи строга контрола над своите граници.

„Постојаниот успех на Тајван се должи на строгото спроведување на граничната контрола“, вели Џејсон Ванг, директор на Центарот за политика, резултати и превенција на Универзитетот Стенфорд.

Тоа вклучува надзор на симптомите кај патниците пред да се качат на летовите и дигитално следење преку мобилни сигнали за да се осигурат дека ќе се почитува 14-дневниот карантин.

Покрај ова, одлуката за складирање и централна дистрибуција на маски играше клучна улога во успехот на Тајван. Владата во раната фаза на пандемијата ги собра сите домашно произведени маски и го забрани извозот. Во рок од четири месеци, компаниите го зголемија производството од 2 милиони на 20 милиони единици дневно, овозможувајќи на островот редовно да има маски за жителите.

Исто така, Тајван во просек поврзува 20 до 30 контакти со секој потврден случај. Во екстремни ситуации, како на пример работник во клуб во Тајпеј, кој се заразил со вирусот, владата пронашла дури 150 контакти. Потоа, сите контакти мора да бидат подложени на домашен карантин од 14 дена, дури и ако бидат негативни.

Досега околу 340 000 луѓе биле под домашен карантин, а помалку од 1000 се казнети за негово непочитување.

„Жртвувавме 14 дена на 340 000 луѓе во замена за нормален живот на 23 милиони луѓе“, рече Чен Чиен-јен, поранешен потпретседател на Тајван и епидемиолог во интервју.

Но, Тајван се уште се сеќава на искуството со САРС во 2003 година. По минатите епидемии, властите почнаа да градат мрежа за итни случаи за одговор на заразни болести. Тајван подоцна доживеа пандемии како птичји грип и грипот Н1Х1. Како резултат, нејзините жители се сериозно свесни за навиките за борба против болести како миење раце и носење маски.