Иран исфрлен од телото на ОН за правата на жените

Иран е исфрлен од телото за правата на жените на Обединетите нации поради политики што се спротивни на правата на жените и девојките, што претходно беше предложено од Соединетите Американски Држави поради репресијата на протестите предизвикани од смртта на Махша Амини во полициски притвор, пренесува Ал Џазира Балканс.

Економско-социјалниот совет на ОН, тело од 54 члена усвои резолуција подготвена од САД, со која „Исламската Република Иран со непосреден ефект ја исфрла од Комисијата за правата на жените, до крајот на мандатот 2022-2026“.

Резолуцијата ја поддржаа 29 членки, 8 беа против, а 16 воздржани.

Амбасадорката на САД во ОН Линда Томас-Гринфилд пред гласањето рече дека отстранувањето на Иран е вистинската работа, опишувајќи го членството на Техеран како „грда дамка на кредибилитетот на Комисијата“. Иранскиот амбасадор во ОН, Амир Саид Иравани, го нарече потегот на САД незаконски, велејќи дека Вашингтон се однесува насилнички.

Комисијата има 45 члена и се состанува еднаш годишно, со цел да се промовира родовата еднаквост и зајакнување на жените.

Иран, 17 други држави и Палестинците во писмо до Економско-социјалниот совет тврдат дека со усвојување на резолуцијата „несомнено ќе се создаде непожелен преседан, кој на крајот ќе ги спречи другите земји-членки со различни култури, обичаи и традиции да придонесат во активностите на таквите комисии“.