[Интервју] Врсничко насилство на интернет – реален проблем кој упорно се занемарува

Насилството помеѓу средношколците не е нова појава. За него се верува дека постои од секогаш и се јавува во форма на физичко насилство кон послабите учениците од нивните физички посилни врсници. Меѓутоа, во последните две децении, со појавата на социјалните мрежи како главен медиум кој оваа возрасна група го користи, се појавува и една нова, поинаква форма на насилство.

Поттикната од оваа појава, која во последно време станува се поголема закана за сите корисници на социјалните мрежи и интернетот, студентката Симона Стојчевска направи анализа преку интервјуа, анкети и истражувања за насилството на интернет кај средношколците.

Кој беше главниот поттик да го започнеш ова истражување?

Се започна уште од моите средношколски години, кога и самата бев изложена на еден вид врсничко насилство. Тогаш не бев доволно свесна што точно се случуваше и какви последици сето тоа ми остава. Се што знаев е дека не се чувствував воопшто убаво и дека не сум единствената.

Оттогаш имам членувано и водено многу иницијативи чиј главен фокус бил овој проблем. Во истиот момент кога ми се јави шансата да правам истражување, веднаш аплицирав со истата тема.

Колку е врсничкото насилство на интернет навистина присутно кај нас?

Според самото истражување добиваме бројка од 20% од испитаниците кои биле жртви на вакво насилство. Доколку секој петти се соочил со овој проблем кај нас, тогаш не само што тоа е навистина присутно, туку и станува сериозен проблем.

Во кои форми се јавува ова насилство?

Симона Стојчевска

Насилството на интернет се јавува во многу форми. Најчести се навредливите коментари, постирање слики од одредена личност без дозвола за нивно прикачување од самата личност, особено слики од еротски карактер или од некоја засрамувачка ситуација со единствена цел да се исмее личноста. Ова се случува во најголем дел на социјални мрежи од кои најчести се Инстаграм и Фејсбук. Покрај тоа, значителен проблем е фактот што сево ова најчесто се случува од лажни профили што ја доведува жртвата во една ситуација каде не знае од каде всушност доаѓа заканата.

Дали е овој вид насилство законски регулирано кај нас?

Доколку сакаме одредени содржини да бидат отстранети од интернет можеме да се обратиме во Дирекцијата за заштита на лични податоци која потоа нив ги отстранува, но не го открива вистинскиот сторител (доколку се работи за лажен профил).

Од друга страна, секое средно училиште во државава има стручна служба составена од психолог, педагог и други стручни лица кај кои учениците можат да ги пријават ваквите проблеми и да побараат помош и тие се должни да им помогнат. Иако може да се каже дека имаме некакви механизми кои се задолжени за справување со насилството меѓу соучениците, како во реалниот така и во виртуалниот свет, сепак нивното функционирање е далеку од идеално.

Надлежните институции често се недостапни за жртвите, а стручните служби во училиштата не секогаш ги сфаќаат овие работи сериозно.

Какви последици остава овој вид насилство врз жртвата?

За разлика од физичкото насилство кое остава јасни и видливи последици врз жртвата, овде станува збор за сосема поинакви, но подеднакво сериозни проблеми.

Кај жртвата на насилство на интернет најочигледната и најсериозна последица е пониската самодоверба, односно креирање една лоша слика за себе. Ова доведува до анксиозност, проблеми во социјализација и најчесто целосно оттуѓување, не само од врсниците и пријателите туку и од целиот свет. Потоа се најавува недоверба во блиските, страв и слични негативни гледишта кон оние кои жртвата ги сметала за блиски.

Клучна карактеристика која ја споменавме е дека многу често жртвата не знае кој е насилникот, а целата ситуација многу брзо се раширила со помош на брзината на ширење на информации на интернет, па наеднаш сите се потенцијални непријатели. Ова се сериозни проблеми кои не се моментални туку траат во текот на целиот живот.

Спомна дека главна инспирација за ова истражување е некое свое лично искуство со овој проблем. За што поточно станува збор и како ти се справи со тоа?

Тоа беше една ситуација која траеше околу 2 години додека бев во средно училиште. Всушност стануваше збор за разни навредливи коментари упатени кон мојот изглед, стил на облека, шминка и слично. Беше сериозен проблем бидејќи се случуваше и во училиште, но и на социјалните мрежи. Се пееја навредливи песни, беа измислувани прекари…. Беше страшно. Огромна група на луѓе се вклучија во навредите бидејќи оние кои го започнаа тоа се знаеја со многу луѓе и наеднаш, како еден тежок бран, бев предмет на исмејување пред сите мои соученици.

Она што мора жртвата да го стори е пред се да се освести дека е жртва, да сподели со некого на кого му верува и потоа да работи на тоа со стручно лице. Сето тоа е еден долг и тежок пат, но мора да се изоди со цел да не кулминираат сите можни последици во нешто фатално.

Колку се професорите и родителите свесни дека се случува оваа форма на насилство?

Главниот проблем кај средношколците е што на оваа возраст тие прават се за да се оттргнат од авторитети, избегнуваат правила, им ослабнува врската со родителите, а се зајакнуваат пријателствата. Ова доведува до една ситуација каде за кои било проблеми, возрасните луѓе, особено родителите, професорите и стручните служби, се последните луѓе кај кои децата се обраќаат за своите проблеми.

Од друга страна пак евидентната разлика во генерации доведува до тоа да постарите луѓе ја немаат потребната дигитална писменост и знаења за интернет сферата и функционирањето на социјалните мрежи за да бидат свесни што се случува таму. Ова резултира со целосно игнорирање на проблемите произлезени од таа сфера, како насилството за кое станува збор во ова истражување, и тие нив не ги сметаат за реална закана по здравјето на децата.

Кои механизми се понудени кај нас како решенија за овој вид насилство, дали се доволно запознаени сите со нив и што дополнително треба да се направи за да се намали врсничкото насилство на интернет?

Од истражувањето можеме да согледаме дека дури 74%  од испитаниците не знаат кои механизми постојат кај нас за справување со врсничко насилство на интернет. Ова доведува до тоа жртвите првенствено да побараат помош од своите врсници, пријатели, а не од стручните служби и надлежните институции. Ова претставува проблем од проста причина што колку и да сака некој близок да ни помогне, не го знае правилниот начин да го стори тоа. Тоа е само игра на среќа која со себе носи преголем ризик.

Генералните препораки, насочени кон сите заинтересирани групи во овие ситуации, се: поголема промоција на механизмите за справување со врсничко насилство на интернет, главно низ позитивни примери каде тие им помогнале на жртвите. Зголмување на дигиталната писменост кај родителите и професорите. Подобрување на нивната комуникација со децата и зголемен интерес за случувањата во виртуелниот свет на социјалните мрежи и секако, зголемување на интересот на самите училишта за случувањата на тие мрежи бидејќи, иако физички тие не се случуваат во училиштата, имаат огромно влијание врз животот на децата.

***

Ова е втора година како млади истражувачи имаа шанса да научат како да истражуваат теми кои се од интерес на младите, но и да ги надградат сопствените познавања. Проектот има за цел да ги поврзе капацитетите и ресурсите на Младинскиот образовен форум со знаењето и искуството на алумни стипендистите на Фондациите Отворено општество.

Георги Божиновски