[Интервју] Оскар Симонсон: Настапот на „Koop Oscar Orchestra“ во МКЦ ќе биде искрен и природен

По цели 14 години, Оскар Симонсон повторно доаѓа да настапува на македонска сцена. Но, овој пат не во рамки на Скопскиот џез фестивал, или со својот музички партнер Магнус Зингмарк, со кој соработуваа на три албуми (Sons of Koop, Waltz for Koop и Koop Islands), под светски познатото име „Koop“. Утревечер во Младинскиот културен центар, тој заедно со пејачката Џазу и уште шестмина музичари ќе настапат како нов бенд, сега наречен „Koop Oscar Orchestra“. Во разговор со Радио МОФ, направен додека го чекаше својот авионски лет до Скопје, Симонсон зборува за кариерата со Зингмарк, неговата потреба да создава нова музика, како и за идните планови на „Koop Oscar Orchestra“.

Ова е Вашиот прв концерт во Македонија после долго време, и меѓу првите со новиот состав. Што ве натера да се вратите на сцената?

Јас сум музичар и композитор, и се чувствувам убаво кога свирам музика со други. Мислам дека и секој друг сака да го прави тоа.  Жал ми е за луѓето што се преправаат зад лаптоп. Мислам дека на крај ќе им се смачи од тоа и ќе им здосади. Кога се сретнав со пејачката Џазу, таа беше првата на која се осмелив да и ги покажам моите нови песни и ги свиревме заедно. Таа ме повлече назад на сцена и сум многу благодарен за тоа.

Што може да очекува публиката од утрешниот концерт?

Ние сме акустичен бенд составен од седуммина и ова ни е само петта заедничка свирка. Не очекувавме толку многу луѓе да се заинтересираат да дојдат. Но, чувството е одлично. Џазу ќе биде нашата главна вокалистка и ќе се претставиме со голем дел од музиката напишана за „KOOP“, но исто така, и со нови песни. Се обидуваме да задржиме да биде природно, без музички или визуелни позадини, глума или сценско однесување. Ќе се обидеме да делуваме искрени во секоја секунда.

Многу бендови звучат како „Koop“, но „Koop“ звучи како никој друг – се вели во описот на настанот. Како бендот се разликуваше од останатата музика?

Мислам дека „Koop“ беше поинаков. Ние ја користевме техниката со семплови не само за да создаваме ритам, ние создававме цели песни со хор итн. Мислам дека „Koop“ нè разликуваше од останатата музичка сцена бидејќи бевме романтични, наместо „кул“.

Ова ме води кон следното прашање, колку според вас, публиката сè уште го сака тој романтичен сегмент од музиката, наместо „кул“ звуците, кои, најверојатно, брзо се забораваат?

Вистинските емоции траат. Или да речеме дека целата добра уметност го одразува тоа како е да се биде човек, а да се биде човек значи да си поделен со измешани емоции. Ние се заљубуваме, но исто така, знаеме дека тоа може да исчезне. Но, во сето ова, мислам дека мелодиите се многу важни, бидејќи тие можат да ги изразат овие емоции како ништо друго.

Вашиот почеток беше со „Koop“, сега го имате Koop Oscar Orchestra“. Така што, може ли да се каже дека „Koop“ беше добра лекција за вас?

Апсолутно, сепак  тоа е како со врските, никогаш не можете целосно да научите. Но, во овој случај можеби улогите се појасни. Исто така, сакам овој бенд да влијае на музиката, во целост. Ова е причината поради која ги свириме песните во живо пред да бидат завршени во студио. Сакам да видам што се случува кога музичарите и публиката се вклучени пред да бидат готови. Кога сте двајца, како во „Koop“, ви се смачило да се обидувате да ги задржите вашите позиции и е многу тешко да вклучите некој нов. Овој бенд е сосема нов. Кога свиревме со „Koop“ беа вклучени многу различни музичари и пејачи, но овој бенд делува повеќе како „бенд“.

По Македонија, кои се вашите идни планови?

По Скопје, ќе свириме во Солун и Атина. Потоа, планирам да го објавиме првиот албум во текот на летото.

По што ќе се разликува овој албум од останатите три албуми кои беа со „ Koop“?

Мислам дека секој нов албум треба да биде по малку различен, но за мене тоа е продолжение на последниот албум „ Koop Islands“. Ако „ Koop“ продолжеше сигурен сум дека повеќето од песните би биле на новиот албум. Јас не го менувам она што го правам. Но, сакам да ги задржам нештата одвоено, бидејќи „Koop“ беше дуо. Или, пријателство пред сè.

Е.П.