[Интервју] Јулија Кастелучи: Во моментот кога ќе го документирате, перформансот исчезнува

Младата концептуалната и перформанс уметница Јулија Кастелучи минатата недела го изведе перформансот „Dijalog || Dialogue“ преку кој води дијалог со Министерството за култура за неговата улога во општеството.

Кастелучи, која е и вокален уметник веќе одредено време се занимава со временска и просторна уметност чиј имерзивен пристап вклучува глас и видео инсталација и интервенции во просторот во форма на сонична скулптура.

Преку своите дела, таа на сатиричен начин ги претставува случувањата и појавите во општеството, а со тоа и поттикнува дискусија во средината каде твори, на релација Белград – Скопје. Со Кастелучи разговараме за значењето на нејзините перформанси и инсталации, тргнувајќи од тоа како ги смислува и од што се инспирира за нив, па сè до тоа дали вештачката интелигенција претставува опасност за уметниците денес.

Перформансот „Dijalog || Dialogue“ досега го имате изведено пред Министерството за правда и Министерството за финансии, а најскоро, пред неколку недели и пред Министерството за култура. Кажете ни повеќе за овој перформанс, која порака сакате да ја пренесете?

Се размислувам сега дали на ова прашање да одговорам со есеј или да бидам поекономична. Бидејќи сум многу економична уметница, односно не сакам да се расфрлам со ресурси, убаво ми е кога ќе почувствувам дека сите ресурси со кои баратам не се залудно потрошени. Или, како што би рекол мојот пријател Валентин ‘minimum effort – maximum benefit’, тоа ми е модус операнди.

„Dijalog || Dialogue“ е едиција која како идеја ми се пројави минатата година, кога почнав да се прашувам зошто служат конкретните институции, министерствата, кому служат тие? Така, почнав да правам дијалози со министерства. Јас пред Министерството за култура одам веќе година дена, од време на време одам пред зградата и правам дијалог со министерството, само што сега проблемот со Министерството за култура е актуелен, па тој перформанс стана видлив. Инаку, кога го правев порано, никој не реагираше, иако проблемот е актуелен веќе подолго време. Конкретно, за перформансот, гледајќи го од физички аспект, движењето на телото е редуцирано, не постои никаква акција, а покренува дискурс на неколку нивоа. Веднаш се јавува прашањето ‘дијалог ли е, монолог ли е?’, и помеѓу тие две референци се отвора простор кој го збогатува доживувањето и дава простор за размислување на темата. И овој перформанс е сведен на елементарен минимум и е создаден во тој дух на минимализмот, кој како резултат дава сè само не минималистички впечаток. „Dijalog || Dialogue“е само наговестување, бидејќи сè што е повеќе од наговестување е веќе илустрација, нарација.

Што се однесува до пораката, не сакам да пренесувам никакви пораки, туку сакам да се ангажирам себе си и општеството. Како уметница се повикувам токму на таа ангажираност, не политичка, туку емотивна, духовна и физичка ангажираност. Со ваквите ангажмани постои можност да ни се отвори некој нов хоризонт, да смениме диоптрија или да ја смениме состојбата на умот. Ова можеби звучи утописки, ама кога би ја промениле состојбата на умот, тогаш веќе би направиле квантен скок, како индивидуи и како општество.

Постои ли опасност, според Вас, доколку Министерството за култура издвојува поголеми финансии за уметниците тие да станат зависни од институцијата, во смисла да творат само доколку добиваат средства за тоа? 

Не постои таква опасност. Најголема опасност е што министерствата се зависни од идеологиите на владите кои се на власт, некогаш тоа е идеологија на десница, некогаш на левица – зависи која гарнитура е моментално на власт. Министерството за култура треба да стане независно од идеологијата на било која власт, бидејќи идеологијата е рамка, а уметноста станува дисфункционална кога е ставена во рамка и тоа е најголемата опасност.

Минатата година во Даут пашиниот амам го претставивте перформансот „Концерт за празни столчиња“. Колку во Македонија будно се следи уметноста, а колку е прифатен перформансот како уметничко дело? Се менуваат ли работите од порано, кон кој правец се движат?

Мене лично, кога го променив својот диоптер ми се случи еурека. Со новата диоптрија видов дека пазарот е многу поширок од она што мислев. Сфатив колку сум уморна од тие стари модуси операндуси наметнати од општеството и дека со таа стара диоптрија ми беше фиксиран погледот кон тоа дека само луѓето се публика. Кога ја сменив диоптријата, хоризонтите ми се проширија и морам да признаам дека ми е многу поубаво и повозбудливо. Увидов дека мојата публика не се само луѓе туку дека публиката е сè што е живо и неживо, мојата публика се и луѓе, и животни, и билки, и празни столици, и бандери, и згради, и птици, прозори, врати… сè што ме опкружува. Звучи надреално, ама така е кога ќе си го промениш диоптерот.

Публиката не се само живи луѓе, живи нешта туку и неживи и тоа ми даде една сосема нова димензија и ме ослободи од таа матрица којашто не ограничува. Многу ограничувачки е да правиш нешто само за да бидеш прифатен од општеството или од глобалните текови или да бидеш допадлив или за да добиеш плата, или за глорификација од струката и публиката, или затоа што така си научил во школо, или за аплауз или, или, или…Тоа мене лично ме заморува, да морам да правам нешто заради ова или она или за да го нахранам моето его. Тоа ми е досадно, демоде е, ние полека се движиме кон 22 век, доста више со стари матрици, спремни сме за нова диоптрија.

Многу сум размислувала на оваа тема и досега имам заклучено дека „неживата“ публика не ја сметаме за публика затоа што не добиваме „feedback“. Од живите луѓе веднаш добиваме „feedback“, без разлика дали добар или лош, важно се добива нешто. Додека од неживата публика не добиваш ништо, не ти го храни егото, кога ќе ти рече „wow“, браво, генијален си итн. На пример, тогаш кога имав концерт за празни столици, јас го одржав концертот и не добив ниту аплауз, ниту добар збор, ништо. Се спакував и си отидов. Без нахрането его, си дојдов дома раат и баш ми е се допадна тој спокој и мир. Од друга страна, после концерти кои се за луѓе, има многу импресии, многу измешани чувства и не може да си раат, а вака кога пееш за нежива публика си одиш дома и мирно заспиваш. Како и да е, ми се допаѓа тоа дека сум направила широка планета на публика и сум си го проширила бројот на слушатели од живо суштество до бандера. И затоа ќе продолжам да се движам низ времето и просторот како движечка сонична скулптура која пее за сè живо и неживо, па сега кој слушне, слушне, кој не – не, јас важно си ја завршувам мојата должност за која што сум тука.

Во соничниот перформанс „Хоризонтала“ ја следиме Јулија која пее јапонска песна а капела додека лежи празен и акустичен простор.  Изведбата трае подолго време, посетителите се менуваат на пет минути.  Што Ве инспирираше за овој перформанс, која е идејата? Како беше прифатен од публиката?

Генерално, јас многу сакам да лежам. Ја сакам таа хоризонтална положба на телото. Всушност, јас и најголемиот дел од работата го завршувам кога лежам и кога спијам, затоа што тоа што го сонувам морам да го спроведам во дело, тоа ми е работа. И многу често идеи ми доаѓаат на сон, ги сонувам, потоа ги скицирам, ги запишувам во мојата тетратка што ја нареков „Сметководителство на соништа“ каде уредно се запишани сите мои соништа, визии и идеи. Перформансот „Хоризонтала“ ми дојде во сон, сите информации ги украдов оттаму и така сонот стана јаве. Многу едноставно. За тоа како реагираше публиката, ќе мора вие да ја прашате.

„Хоризонтала“

Во видео инсталацијата: „Уметникот во потрага по куратор“ преку пораки прашувате повеќе познати куратори дали би Ве направиле познат уметник? Каков е односот куратор-уметник во земјава? Има ли дефицит на куратори наспроти артисти?

Ова е комплексно прашање. Еве јас уште не знам каков однос имам со мајка ми и татко ми, а камо ли каков однос имаат кураторите со уметниците во земјава. Досега не сум работела со ниту еден македонски куратор така што навистина не би можела да кажам повеќе.

Проектот „Umetnik šutira umetnika“ кој го работите заедно со Ервин Вурм го симболизира меѓусебниот однос на два уметника кои се туркаат, се газат и шутираат еден со друг. Поставена е во Музејот на современа уметност во Белград. Каков однос имаат уметниците меѓу себе во Србија?

Всушност се работи за нелегален перформанс со Вурм, но сепак не станува збор за соработка. Неговата фотографијата каде е претставен тој во природна голема додека шутира негова скулптура, ме инспирираше да направам нелегален перформанс што ја истражува токму таа тема. Всушност во овој перформанс е претставено како луѓето се однесуваат меѓу себе. Еден вид алегорија на односот човек со човек…симболички прикажано како тие се шутираат, се газат, се местат еден против друг, си удираат лактови и сето тоа со единствена цел – да се лансираат себе си на една повисока точка, да стигнат до некаква цел, врв или плен, до статус или позиција во општеството кое всушност не ни постои. Тоа се измислени категории но ние сè уште веруваме дека постојат. Во овој перформанс постои и простор за поинакво читање и перципирање на делото. Може да се протолкува и на начин на кој институцијата те шутира, не само човекот како индивидуа, туку целиот систем и институциите како дел од него.

Перформансот: „Уметност на грам“

Неодамна, дел од младата алтернативна културна сцена во Македонија се здружи во колектив како што е „Гола планина“, здружението „Култура Бета“ и други кои меѓу себе си даваат поддршка. Како го коментирате новиот млад уметнички бран и неговото дејствување тука? Дали се разликува од тоа што се случува во Србија?

Искрено не сум запознаена со овие колективи, ама „I’m ready to be happy“ ако младите уметници се поддржуваат и творат, особено ако тоа што го прават има некаква вредност и некакво значење. Што се однесува до паралелата Србија – Македонија, за конкретното прашање не би можела да ја направам бидејќи, како што кажав и погоре, не сум упатена.

Со уметнички перформанси за подигнување на свеста за растенијата и животните се занимвате уште од 2017 година и тоа во повеќе земји од Балканот и Европа. Се менува ли нешто, кога ќе престане потребата да се изведуваат перформанси со порака за заштита на живиот свет во природата?

Би сакала да сум видовита за да можам да одговорам на ова прашање, но бидејќи не сум, ќе одговорам многу сувопарно; Потребата никогаш нема да запре, напротив само повеќе и повеќе ќе се крева, особено околу eco/bio/green темата.

„Гала штала концерт за кози“

Имате ли омилен перформанс и зошто?

Немам омилен перформанс. Перформансот  како уметничка форма постои само во моментот во кој се создава и изведува, не може да се колекционира, сочува или продава. Мислам, перформанс може да се сними/документира и потоа од тој архивиран документ да се направи колекција, да се продаде или подари, но тоа веќе не е перформанс. Во моментот кога ќе го документирате, перформансот исчезнува. Останува само архива. Затоа сакам и бирам да се занимавам со ова уметничка форма, бидејќи перформансот постои само преку исчезнувањето. тоа e еден вид  алхемиски процес, кој мене многу ме возбудува додека ми се случува.

„Dijalog || Dialogue“ пред Министерство за финансии

Освен со инсталации и перофрманси се занимавате и со дигитално сликање, колажи, слики на платно. Како новите алатки со вештачка интелигенција може да влијаат врз автентичноста на уметничките дела? Може ли денес секој да биде уметник?

Морам да признаам дека ова прашање ми звучи како „space shuttle“ од NASA. Но, ајде да пробам да одговорам од истото место од каде што се поставени прашањата. Најпрво, сигурна сум дека вештачката интелигенција никогаш нема да може да ја замени човечката глупост. Понатаму, за тоа дали секој може да биде уметник, уметникот е всушност човек, ако не станеш човек денес, кога? Можеби можеш да пробаш утре, само што проблемот е што тоа „утре“ не постои.

На Инстаграм сте потпишана „Дигитална имовина“. Зошто токму ова име?

Затоа што единствениот имот што го имам е дигитален, не поседувам ништо друго освен тој имот. „Icloud“ и „Instagram“, и тоа е сè.

Што е следно за Јулија?

Следно за Јулија е по ова интервју да оди на спиење, бидејќи е доцна навечер. За крај би посакала добро утро, добар ден и добра ноќ на сите ваши читатели.

Ангела Бошкоска