Инспекторите го посетија рудникот Лојане, ќе бараат да се исчисти јаловината полна со арсен

Инспекторите на Државниот инспекторат за животна средина извршија увид на еколошката жешка точка – рудникот Локане, и соопштија дека ќе побараат чистење на опасната јаловина полна со арсен. Увидот, како што соопштија од Инспекторатот, бил направен на локацијата над школото во Ваксинце, Кумановско, за што неодамна пишуваше Радио МОФ.

„Отпадната јаловина од затворениот рудник за хром и антимон во Лојане претставува повеќе децениски проблем за жителите од Лојане, Ваксинце и Табановце како и поширокиот регион во северниот дел на државата. Отпадната јаловина содржи висока концентрација на арсен и претставува голема опасност за здравјето на луѓето и животната средина. Поради влијанието врз животната средина, медиумите почва, вода и непријатна миризба во воздухот, по двата реализирани контролни увиди ДИЖС ќе достави допис до МЖСПП за отпочнување активности за расчистување на отпадната јаловина“, најавија од Инспекторатот.

Во неодамнешно истражување  на Радио МОФ, беше утврдено дека луѓето во Вакцинце живеат во непосредна близина на јаловината полна со арсен од рудникот Лојане, кој е на врвот на листата на еколошки жешки точки во земјава. Иако рудникот престана да работи во 1979 година, канцерогените материи од јаловиштето и депонијата со арсен се оставени на отворено и загадуваат се’ околу себе. Најголема опасност доаѓа од 15.000 тони арсен сулфид, арсенски концентрат, кој е високотоксичен, додека школото „Рилиндја“ во општина Липково, каде учат околу 400 деца, се наоѓа на само 100-ина метри од купишта со арсен.
Непосредните симптоми на акутно труење со арсен вклучуваат повраќање, абдоминална болка и дијареа, а во екстремни случаи предизвикуваат и смрт. Долготрајната изложеност на арсен од вода за пиење може да предизвика рак и лезии на кожата.

„Децата ни се жртви на арсенот“ – рударскиот локалитет „Лојане“ фатален за жителите од липковските села